Хотелот Аура во Охрид и ресторанот Стоби во Градско се годинашни добитници на наградите најуспешен хотел за 2017 година и најуспешен ресторан за 2017 година, што ги доделува Министерството за економија по повод Светскиот ден на туризмот, стои во соопштението.
Хотелот Аура, сместен на самиот брег на Охридското Езеро, којшто порано беше познат како хотел Бетон, комплетно е реновиран пред една година и прерасна во модерен и елегантен објект со четири ѕвездички што на своите гости им нуди врвен комфор и висококвалитетна услуга. Луксузниот ресторан Стоби, којшто функционира во рамките на истоимената винарница во Градско, веќе неколку години претставува центар на гастрономската култура во најпознатиот вински регион во Македонија. Квалитетниот производ со конкурентна цена, креирањето одлична винска приказна, врвната услуга, иновативниот концепт на туристичка понуда, како и успешниот тим составен од експерти во различни области, се само дел од причините поради кои хотелот Аура и ресторанот Стоби годинава ги добија врвните признанија.
“Значајните признанија што ги добивме се резултат на огромниот труд што го вложува целиот тим на хотелот Аура и ресторанот Стоби. Континуирано внимаваме на сите детали и напорно работиме за да понудиме уште подобри услуги, врвен производ и уште повеќе да го подигнеме нивото на квалитет. Крајната цел е на нашите гости да им понудиме максимално уживање поради кое вреди да се вратат повторно“, велат од менаџерските тимови на хотелот Аура и ресторанот Стоби.
Освен што успешно се позиционираше на домашниот пазар, хотелот Аура со својата интересна туристичка понуда го привлече вниманието и на странските туристи кои изминатава година беа најбројни посетители на хотелот. Повеќе од 70% од гостите на Аура се странски туристи. Меѓу нив најбројни се гостите од Турција, по што следат тие од Холандија, Полска Данска, Австрија. Менаџерскиот тим на хотелот веќе склучи повеќе договори со туроператори за следната година, така што се очекува странските гости да бидат најбројни посетители на Аура и во 2018 година.
“Според досегашниот интерес и склучените договори, очекуваме уште поголема посетеност во 2018 година, како во хотелот во Охрид, така и во ресторанот во Градско. Наградите и признанијата нѐ мотивираат да бидеме уште подобри, но препораката од нашите гости кои повторно се враќаат е најголемата награда за нас“, велат од менаџерските тимови на хотелот Аура и ресторанот Стоби.