За 119% скокна прометот на берза

58

Вкупниот промет на домашниот пазар на хартии од вредност, во првите четири месеци од 2020 година изнесуваше 4.918.604.208 денари (приближно 79.98 милиони евра), а претставува значително зголемување од 119% во однос на истиот период претходната година, стои во Вонредниот четиримесечен извештај на Комисијата за хартии од вредност (КХВ).

Доколку се набљудува месечно реализираниот промет во 2020 година во однос на оној реализиран во соодветниот период во 2019 година, како што се наведува во извештајот, може да се заклучи дека огромно влијание врз овој пораст од 119% има прометот реализиран во март, којшто особено се оствари како резултат на една реализирана блок трансакција во висина од 39% од вкупниот месечен промет како и по нагласеното присуство во тој месец на неизвесноста, непознатото и паниката предизвикана од пандемијата.

Прометот реализиран само во месец март 2020 година е поголем за 24% од вкупниот четиримесечен промет реализиран во 2019 година. Вкупниот промет во месец април 2020 година е за 73% помал во споредба со прометот остварен во претходниот месец, додека прометот без блокови во истиот месец е за 51% помал во споредба со претходниот месец.

Заради непознатиот карактер на вирусот Ковид-19, високиот степен на неизвесност и непредвидливост на неговиот импакт врз реалната економија, движењата на берзата по сите параметри па и во однос на прометот тешко може да се редуцира во информирани предвидувања и/или споредувања со претходни периоди.

Во периодот јануари – април оваа година, блок трансакциите имаат учество од 30% во вкупниот промет. Со исклучок на месец март, кога прометот реализиран преку блок трансакции скоро е изедначен со прометот остварен преку редовно тргување што пред се е детерминиран од реализираната блок трансакција во вредност од 1.075.550.016 денари (83% од вредноста на сите блок трансакции во месец март) преку којашто Граве осигурување стана мнозински сопственик на Еуролинк осигурување, во останатите месеци прометот реализиран преку блок трансакции просечно учествува со 9% во вкупниот месечен промет.

Преку споредба на податоците за првите четири месеци од 2019 и 2020 година, може да се забележи дека прометот остварен преку тргување со акции во првите четири месеца од 2020 година бележи тенденција на пораст и е зголемен за 195% во однос на истиот период од 2019 година. Исто така, може да се забележи тренд на пораст на прометот од класично тргување во првите четири месеци од 2020 година во споредба со истиот период од 2019 година за 178%, како и на прометот остварен преку блок трансакции во 2020 година за 103%. Сепак, ако се спореди реализираниот промет од блок трансакции за извештајниот период во 2020 и соодветниот период во 2019 година, со исклучок на реализираната блок администраторска трансакција во месец март кога е извршено купување на Еуролинк осигурување, прометот реализиран преку блок трансакции заклучно со месец април 2020 година бележи намалување од 43,9% во однос на оној реализиран заклучно со април 2019 година. Во месец мај 2019 година Комисијата за хартии од вредност со решение и наложи на Македонска берза АД Скопје да изврши промена на правилата за тргување на берзата. Комисијата поаѓајќи од потребата за транспарентно и уредно тргување на пазарот на капитал преку опсежна анализа на трендовите и начините на тргување на македонскиот пазар на капитал оцени дека е потребно да се зголеми класичното тргување со цел да се зголеми транспарентноста при постигнувањето на цените на акциите и да се избегне договорното тргување. Имајќи ги во предвид одредбите од правилата за тргување кои дозволуваа реализирање на блок трансакции за износи поголеми од еден милион денари, Комисијата сметаше дека овој праг е пренизок и истиот со споменатото решение го подигна на два милиона денари. Анализирајќи ги ефектите од оваа одлука очигледно е дека ова зголемување на прагот за блок трансакции имал позитивен тренд и ја постигнал целта на Комисијата.

Генерално, гледано по сите параметри, прометот остварен во првите четири месеци од 2020 година бележи тренд на пораст во однос на истиот период во 2019 година. Од презентираните податоци евидентно е дека во вкупниот промет остварен во периодот јануари-април 2020 година, најголемо учество од 66,43% има класичното тргување, додека од вкупниот промет остварен преку класично тргување, најголемо учество има класичното тргување со акции со 98,49%.

Најголемо учество во структурата на прометот според различни пазарни сегменти, (65,92%) продолжува да има Официјалниот пазар со апсолутен износ на прометот од 3.242.422.580 денари, по што следуваат блок трансакциите со 30,19%, во износ од 1.484.986.552 денари. Важно е да се напомене дека блок трансакциите бележат значително намалување во месец април 2020 година, односно истите се намалени за 97,72% во однос на месец март, односно за 64,38% во однос на месец јануари 2020 година.

Во периодот од први јануари до 30-ти април лани, се забележува дека е приближно исто учеството (51,4%) на официјалниот пазар во вкупниот промет во споредба со првите четири месеци од 2020 година. Истовремено, карактеристично за првите четири месеци од 2019 година е што учеството на јавните понуди на хартии од вредност во вкупниот промет изнесувало 13,7% и е значително поголемо во споредба со првите четири месеци од 2020 година кога изнесува само 3,38% од вкупно реализираниот промет.

Вкупниот промет реализиран со 10-те најтргувани акции на официјален пазар во периодот од 01.01.2020-30.04.2020 година изнесува 3,033 милиони денари (приближно 49 милиони евра) и претставува 95% од вкупниот промет остварен на официјален пазар во периодот, односно 62% од вкупниот промет реализиран на сите пазари (4,918 милиони денари или околу 80 милиони евра). Овој промет е реализиран преку 10.384 трансакции, што претставува 90% од вкупните трансакции на официјален пазар додека учествува со 88% во вкупниот број на трансакции реализирани во периодот од 01.01.2020-30.04.2020 година.

Во првите четири месеци од 2020 година, на официјален пазар, најтргувани беа акциите издадени од Комерцијална банка АД Скопје , со вкупен промет од 1.250.667,408 денари (околу 20,3 милиони евра), потоа следат акциите издадени од Алкалоид АД Скопје со вкупен промет од 654,62 милиони денари (околу 10,64 милиони евра), па акциите на Макпетрол АД Скопје со вкупен промет од 353,94 милиони денари (околу 5,75 милиони евра) и на крајот акциите на НЛБ Банка АД Скопје со вкупен четиримесечен промет од 334,69 милиони денари (околу 5,44 милиони евра).

Топ три најтргувани акции на официјалниот пазар, како и во истиот период претходната година, остануваат акциите на Комерцијална банка, Алкалоид и на Макпетрол со 71% учество во вкупниот промет реализиран на официјален пазар во 2020 односно 64% во 2019. Иако учеството на топ 10 најтргувани акции на официјалниот пазар остана скоро непроменета и во извештајниот период во 2020 (89% во 2019/ 90% во 2020), сепак се забележува присуство на повисока концентрација на прометот на четири акции во 2020 година.

Фото: Freepik