Денеска во Охрид се промовираше ИноПлатформа, европски проект под лидерство на Центарот за управување со знаење од Македонија. ИноПлатформа е двегодишен проект, финансиран од Интерег Програмата на Европската Унија за Балканско – Медитеранската област, спроведуван од шест организации и институции од пет земји на БМ област: Македонија, Кипар, Грција, Бугарија и Албанија.
ИноПлатформа ќе работи во делот на зголемување на постоечкото знаење за иновации во бизнис моделите кое би се преточило во развој на алатки (InnoTools) и сервиси (InnoScoreard и InnoRegion), и воспоставување на инфраструктура на Центри за извонредност во иновации, чија заедничка цел е подобрување на можностите, капацитетите и знаењето на мали и средни претпријатија (МСП) во воведувањето на иновации и зголемување на конкурентноста.
“Целта на овој проект, којшто официјално стартува денеска, е да ја зголеми конкурентноста на малите и средни претпријатија од регионот преку подобрување на иновативниот еко систем. Новината во оваа иницијативата или state of the art е тројна: согледување на трендовите во иновациите на бизнис моделите кои се случуваат во регионот со посебен фокус на оние модели кои ја поттикнуваат интернационализацијата; развој на серија на практични иновативни алатки и сервиси чија цел е да бидат едноставни водилки за поддршка на иновативниот процес кај МСП-ја во регионот и воспоставување на инфраструктура на Центри на извонредност во иновациите, лоцирани во сите пет земји од Балканско—медитеранската област за подобрување на пристапот на МСП-ја до знаење и експертиза во делот на иновациите.
“Особено сме горди на успехот на ИноПлатформа при селекцијата на проектите бидејќи сме единствен проект во Интерег Балканско – Медитеранската програма (2014-2020) кој го води проектен лидер од земја која не е членка на ЕУ“, изјави Андријана Богдановска, директор на Центарот за управување со знаење, на денешниот иницијален состанок на организациите вклучени во реализација на овој проект што се одржува во Охрид.
Носител на проектот InnoPlatform е Центарот за управување со знаење.