Промоција на проектот Претприемништво – иднина на студентите

42

На студентите им е неопходна активна соработка со компаниите за да бидат конкурентни на пазарот на труд. Од факултетите добиваат теоретска настава, но не и доволно пракса.
Во оваа насока е проектот Претприемништво – иднина на студентите, кој беше промовиран денеска, а негови реализатори се Стопанската комора на Македонија и Студентскиот парламент при Универзитетот Св. Кирил и Методиј (УКИМ).
“Целта е студентите да научат како сопствената идеја да ја преточат во бизнис и полесно да се приспособат на барањата на пазарот на труд. За тоа, освен теоретско познавање, неопходни се и желба и амбиција”, беше посочено на почетокот од реализацијата на проектот.
За проектот од пријавените околу 100 студенти, селектирани се 50. Тие ќе имаат можност да присуствуваат на обуките што ќе ги држат предавачи од компании и банки-членки на Комората.
Обуките ќе опфаќаат пишување на бизнис планови, јавно зборување, презентирање, маркетинг трикови, промоција на производ преку социјални медиуми, информирање за кредити за самовработување и развој на мали претпријатија.
Критериум за избор беа кратки бизнис идеи. Меѓу најдобрите 10 се креирање на консултативно биро за привлекување странски инвестиции, инсталирање на централно греење од отпад, продажба на занаетчиски производи, редизајнирање и репарирање на стар мебел и други.
Стопанската комора на Македонија и Студентскиот парламент при УКИМ по промоцијата потпишаа меморандум за соработка што ќе овозможи понатамошно реализирање на слични вакви проекти.