Промовиран најпродаваниот и најсигурен автомобил – Volvo XC60

32

dsc_0793b

Најпродаваниот SUV модел Volvo XC60, денеска беше промовиран пред македонската публика и пред љубителите на автомобили, стои во соопштението.

“Сé што правиме во Волво започнува со луѓето. Безбедноста, сигурноста и грижата за околината се цврсто во ДНК-то на овој бренд. Го претставуваме моделот XC60, којшто е израз на она за што се залага и претставува Volvo – Иднината на безбедноста. Овој модел е од особена важност, бидејќи се покажа како најпосакуван автомобил. Создаден е со идејата да ги заштити сите патници во него, но и сите во непосредна близина“, рече Дритон Заири, генерален директор на Ми-Да Гранд Моторс Скопје.

Втората генерација на Volvo XC60 е опремена со најнапредниот пакет на сигурносни функции коишто овозможуваат возачот да има доминантен поглед на патот во преубаво опремена и мирна кабина.

“Кога на технологиите кои ги содржи ќе го додадеме безвременскиот дизајн, станува јасно дека новото XC60 е синоним за сигурно, инспиративно и исклучително безбедно возило“, додаде Заири.

Според Златко Павловски, продукт менаџер на брендот Volvo, новиот модел е подолг, поширок, понизок и со поголемо меѓуоскино растојание од неговиот претходник.

“XC60 ќе биде достапен со три нивоа на опрема: богатиот Momentum, луксузниот Inscription и спортскиот R-Design. Предниот изглед на возилото е со препознатливите фул лед светла во знакот на ТОР и поголема предна решетка со алуминиумска рамка. Алуминиумските фелни се нудат во размер од 18 до 22” во повеќе уникатни дизајни. Прекрасните задни стоп светла даваат автентичен изглед на возилото во ноќта и исто така, се фул лед. Багажникот се отвора на електрика, односно може да се отвори со еднократно поминување со ногата под задниот браник или преку далечинскиот клуч.  Врвен интиуитивен аудио систем Bowers & Willkins и возна динамика која е едноставно најдобра во оваа класа“, објасни Павловски.

Според него, кога ќе влезете во возилото, имате чувство на поголема пространост и комодитет, што е резултат на специјално дизајнираните потенки удобни електрични седишта.

“Со цел градското возење да се направи полесно, покрај предните и задните паркинг сензори, возилото има и 4 камери, една позади, една напред и две од страните кои создаваат слика од птичја перспектива и го олеснуваат паркирањето на тесен простор. Доколку излегувате од паркинг простор и не забележите дека наидува возило, системот за Cross Traffic Alert ќе Ве предупреди. XC60 е поставен на новата СПА платформа, во опција се стандардно подвозје, спортско и воздушна суспензија со активни амортизери кои се приспособуваат на начинот на возење кој ќе го одберете – еко, комфорт, динамик и офроуд“, заврши Павловски.

Volvo XC60 ќе биде придвижуван со различни мотори: два дизел, два бензиски и еден Хибрид Плуг Ин. Дизелите се со ознаки D4 и D5, двата се 2.000 кубни центиметри. D4 е 190кс а D5 е 235 кс. Бензинците се со ознаки Т5 и Т6, исто така 2,000 кубни центиметри, Т5 е со 254кс а Т6 со 320кс. И Хибридниот Плуг Ин е комбинација од бензинскиот Т6 мотор и електромотор од 87 кс, вкупно на располагање имате 407 коњски сили. Со едно полнење на батеријата од три часа, автономно на струја, може да поминете околу 40 километри. Со овој мотор може да одберете тивко возење, само на струја низ град или да излезете надвор од градот и да ја искористите максималната моќ. Со промовирање на новиот модел, има и промотивна цена од 52.990 евра за D4 моторот со високо ниво на опрема.