Пропаѓа уште една империја – дали е крај за Topshop?

499

Британскиот ланец на продавници Arcadia во сопственост на Филип Грин и неговото семејство, стана една од “жртвите“ на пандемијата од Ковид-19.

Во понеделникот оваа империја поднесе барање за банкрот во Лондон, откако викендот се шпекулираше дека неговите компании се на раб на пропаст. Веста ја потврди и сметководствената компанија Deloitte.

Arcadia инаку вклучува повеќе од 400 филијали на мало, во рамки на брендовите Тopshop/Topman, Miss Selfridge, Burton, Dorothy Perkins, Evans и Wallis и сега ќе работи со Deloitte за да ги “процени сите опции“ и да ги заштити компаниите од (многу) нивни доверители, додека бара потенцијални купувачи.

“Ова е тажен ден за сите наши колеги, како и за нашите добавувачи и многу други заинтересирани страни“, рече Иан Грабинер, извршен директор на компанијата и додаде дека изминатиот период приоритет им била заштитата на работните места и зачувување на финансиската стабилност на групата.

“На крајот, сепак, соочени со најтешките услови за тргување што некогаш сме ги доживеале, пречките со кои се соочивме беа премногу сериозни“, рече Грабинер.

Во овој момент, судбината на 13.000 вработени во империјата Arcadiа останува нејасна. Повеќе од 9.000 работници во компанијата веќе се отпуштени.

Грин веројатно се надева дека ќе најде решение за спас, што ќе му овозможи да ја задржи контролата над највредното средство на групацијата, а тоа е Topshop Колапсот на оваа компанија, сепак, нема да има влијание врз нето-богатството на Грин и треба да се напомене дека кризата започна уште пред пандемијата.

Forbes проценува дека тој и неговата сопруга Кристина Грин имаат 2,3 милијарди долари.

Фото: Facebook