Прва женска банка во светот

107

Прва женска банка се отвора во Чикаго, а нејзина цел е да се бори со родовиот јаз во кредитирањето. Група локални банкарки од Чикаго бараат отворање на комерцијална банка што ќе се фокусира на кредитирање на женско претприемништво, пренесува Women in Adria.

Првата женска банка (First Women’s bank) доби условно одобрение за отворање, а организаторите ги собираат потребните средства за да ја отворат на почетокот на следната година.

Идејата за ваков вид банка доаѓа од Лиса Корник, Мелиса Вајден и Ејми Фахеј, кои сметаат дека претприемачките сè уште каскаат за машките колеги кога се во прашање кредити, дури и кога расте бројот на жени кои отвораат сопствени бизнис.

“Додека бев сопственичка на ресторан, морав да одберам нова банка бидејќи постоечката веќе не можеше да ги задоволи нашите потреби. Се шокирав кога сфатив дека нема банка што е фокусирана на жени. Како претприемачка, веднаш ја забележав таа прилика“, вели Корник.

Таа ќе биде главна директорка за кориснички искуства на клиентите. Фахеј, која има долгогодишно искуство со JP Morgan Chase, ќе претседава со Управниот одбор на банката, а Вајден која е поранешна адвокатка, ќе биде потпретседателка.

Првата женска банка ќе цели на компании како што се фризерски салони, дневни центри, сметководствени бироа и консултантски компании.

Иако пандемијата го забави процесот на собирање средства, претприемачките се подготвени за сите предизвици и се надеваат дека ќе ја отворат на почетокот на 2021 година. Планираат да соберат околу 50 милиони долари до 30-ти септември.

Фото: Freepik