Раде Кончар Сервис го пушти во употреба првиот регионален еколошки центар на Балканот

189

Во Раде Кончар Сервис Скопје беше отворен нов регионален еколошки центар, кој ќе има за задача да обезбеди заштита на животната средина, преку редукција и елиминација на штетните состојки ПХБ (полихлорирани бифенили) во трансформаторското масло. Постројката е единствена од ваков тип во регионот и се очекува да има регионален бенефит.

Центарот е отворен во рамките на проектот „Елиминација на ПХБ и опрема што содржи ПХБ” кој е имплементиран во периодот 2009 – 2012 година од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање. Овој проект е потпомогнат од UNIDO – Организација за индустриски развој на Обединетите Нации, GEF – Глобалниот еколошки фонд и Министерството за животна средина и просторно планирање.

Специјално за проектот беше изградена нова хала за сместување на опремата и машините.

На свеченото отворање на еколошкиот центар, говореше Државниот секретар за животна средина и просторно планирање, Соња Лепиткова. Таа изјави дека со реализацијата на овој проект се остваруваат обврските произлезени од Стокхолмската конвенција за елиминација на персистентните органски загадувачи и дека истиот значително придонесува во заштитата на здравјето на луѓето и животната средина од опасните отпадни материи.

„Проектот се однесува на унапредување на постојаниот склад на Раде Кончар во нов модерен погон каде што се вградени сите стандарди за безбедност, а третманот на трансформаторите се спроведува со софистицирана опрема базирана на најдобри достапни техники“, изјави Лепиткова.

Во план е околу 150 тони на трансформатори со ПХБ да бидат демонтирани и транспортирани до еколошкиот центар каде понатаму ќе бидат адекватно третирани. По деконтаминацијата одреден број единици ќе се вратат во повторна употреба додека другиот дел ќе биде рециклиран.

За изградба на овој погон беа инвестирани 386.000 евра.