Управата на Град Риека распиша тендер за издавање под концесија на 30 години на Галеб, некогашниот брод на Тито, кој е заштитен како културно наследство на Хрватска.
Проценетата вредност на концесијата од 30 години е 10,3 милиони евра. Според студијата за оправданост за издавање под концесија, концесионерот треба да обезбеди музејски простор на површина од 507,10 метри квадратни, рекреативен центар, хостелско и хотелско сместување, ресторан, конгресен центар и бар, стои во соопштението објавено на страната на Управата.
Концесионерот уредувањето на бродот треба да го направи на сопствен трошок.
Тендерот е отворен до 24 март 2015 година, а критериум за избор ќе биде најповолната понуда.
Бродот Галеб е изграден во Италија во 1936 година за превоз на тропско овошје. За време на Втората светска војна е пренаменет во воен брод. Во 1944 година е потопен во риечкото пристаниште, а од морето е извлечен во 1948 и реконструиран во школски брод на Југословенската воена морнарица. Од 1953 до 1979 беше пловечка резиденција на претседателот на Југославија, Јосип Броз Тито. Град Риека го купи во 2009 година.