Тимот на Renault од следната сезона во Formula 1 ќе го понесе името Alpine, соопшти извршниот директор на францускиот конструктор, Лука де Мео.
Renault останува дел од најбрзиот циркус на планетата, но од следната сезона ќе се натпреварува под ново име и во нови бои. Имено, од 2021 година, францускиот тим ќе се ребрендира и ќе настапува под името Alpine.
Откако претходно го најавија двократниот светски шампион Фернандо Алонсо како нивни нов возач за следната сезона, новиот извршен директор на Renault, Лука де Мео, најави дека пристигнуваат промени, односно дека компанијата ќе се фокусира на клучните брендови. Поради тоа, шефот на Renault F1 Сирил Абитебул добил задолжение да го издигне Alpine брендот кој во моментов го произведува A110 спортскиот автомобил.
Како резултат на сето ова, Formula 1 тимот на компанијата покрај новото име, ќе се натпреварува и во нови бои, односно со боите на француското знаме.
“Ќе се натпреваруваме под името Alpine со три нови бои“, изјави Де Мео на прес-конференцијата во пресрет на Големата награда на Италија во Монца. Актуелните бои на Renault се црна и жолта. Брендот Alpine е прилично познат во светот на мотоспортот, со тоа што марката има забележителни успеси на 24 Ле Ман и во рели шампионатите. Сепак, никогаш претходно овој бренд не се натпреварувал во Formula 1.
Alpine во 1954 година е основан од страна на Жан Редел, а под контрола на Renault доаѓа во 1973 година.
Преземено од Avtoplus.mk