Самит 100 во Цавтат: Мукаетов “домаќин” на панелот за здравство и фармација

42

samit100

Водечките претприемачи во југоисточна Европа, денеска и утре ќе се соберат во Цавтат, Хрватска, на третиот бизнис Самит 100 бизнис лидери на ЈИЕ – Договор за ново време, кој ќе се занимава со можностите за соработка со цел јакнење на конкурентноста на националните економии, но и со потенцијалот на целиот југоисток на Европа.

Главна тема на собирот ќе биде подобрување на економските политики и регионална соработка преку препознавање на потенцијалот на подрачјата на туризмот, транспортот и логистиката, градежништво, храна и пијалоци, ИКТ услуги, здравје и фармација и енергетика.

Предлози за унапредување на соработката во регионот ќе бидат претставени на пленарната панел дискусија на лидерите од т.н. Брдо-Бриони процесот од Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Хрватска, Косово, Македонија, Словенија и Србија.

Според најавите, на почетокот, денеска попладне, за глобалните движења и за тоа каде се позиционира регионот ќе говори Хари ван Доренмален, претседател на IBM за Европа.

Секоја од седумте работни маси ќе има свој домаќин, најавуваат организаторите. Панелот за храна и пијалоци ќе го водат Миодраг Костиќ од МК група и Љерка Пуљиќ од Агрокор, за енергетика домаќини ќе бидат Томаж Берлочник од Петрол и Томислав Тип од Ина, за туризмот Јако Андабак од концернот Сонце и Жарко Радуловиќ од Монтенегро Старс Група, транспорт и логистика ќе ги водат Иван Павловиќ од Пристаниште Плоче и Елдин Хаџиселимовиќ од АСА Холдинг, за градежништво ќе говорат Филип Филипец од Техника и Благота Радовиќ од Зета Градња, ИКТ услуги се Ивица Мудриниќ од Хрватското здружение на работодавачи и Борис Вујичиќ од Тризма, додека на панелот за здравство и фармација домаќини ќе бидат Иво Усмиани од Јадран галенска лабораторија (ЈГЛ) и Живко Мукаетов од Алкалоид.

Генералниот директор и претседател на УО на Алкалоид, Живко Mукаетов, заедно со Усмиани ќе бидат комодератори на работилницата за креативни партнерства, насловена како Бараме нови феникси.

„За што полесен и поуспешен пристап на нови странски пазари, неопходно е компаниите да настапуваат здружено. Самит 100 е една одлична иницијатива за постигнување на таа цел, а во исто време претставува и солидна платформа за структуирање на развојни програми кои би го поместиле целиот регион чекор поблизу кон исполнување на мисијата за создавање моќна бизнис – заедница, која би била генератор на повисок економски раст на регионално ниво“, истакна г. Мукаетов.

На собирот ќе присуствуваат претседателите од регионот, а хрватските медиуми пишуваат дека е потврдено и присуството на германскиот канцелар Ангела Меркел.

Вториот ден на самитот ќе се зборува за искуствата од соработката со нордиските земји.

Организатори на самитот се Хрватското здружение на работодавачи, Српската асоцијација на менаџери, Атлас фондација од Црна Гора и Здружението Менаџер од Словенија.

Првите два собири се одржани во Србија и Црна Гора.