Саудиска Арабија се подготвува да го зголеми производството на нафта

153

Саудиска Арабија се подготвува да ја намали својата неформална цел на цената на нафтата од 100 долари за барел додека се подготвува да го зголеми производството за да врати одреден удел на пазарот, дури и ако тоа значи пониски цени, велат извори запознаени со ситуацијата.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), предводена од Ријад, заедно со сојузниците, вклучително и Русија, позната како ОПЕК +, го намалува производството на нафта за да ги поддржи цените. Сепак, цените паднаа за речиси шест отсто оваа година, поради зголемената понуда од другите производители, особено од САД, како и слабата побарувачка во Кина, пишува Ројтерс, повикувајќи се на Financial Times.

Претходно овој месец, ОПЕК + го одложи планираното зголемување на производството на нафта за октомври и ноември, откако цената на нафтата падна на деветмесечен минимум, сигнализирајќи дека може дополнително да го одложи или да ги смени зголемувањата доколку е потребно. Според планот, ОПЕК + е посветен на зголемување на производството од 1 декември, дури и ако тоа значи подолг период на ниски цени на нафтата.

Саудиска Арабија одлучи дека повеќе не сака да го отстапува пазарниот удел на други производители на нафта и верува дека има доволно можности за финансирање, вклучително и девизни резерви и долг, за да го преброди периодот на пониски цени на нафтата. Глобалниот репер сурова нафта „брент“ падна за околу 2,6% до 71,57 долари за барел по извештајот.

Ријад, најголемиот светски извозник на нафта, го сноси товарот од намалувањето на производството на ОПЕК +, намалувајќи го своето производство за околу два милиони барели дневно од крајот на 2022 година. Членките на ОПЕК + во моментов го намалуваат производството за вкупно 5,86 милиони барели дневно, што е еквивалентно на околу 5,7 отсто од глобалната побарувачка на нафта.