Најдобрите студенти од Македонија повторно ќе имаат можност да престојуваат една година во Австрија. Искуството и образованието стекнато во финансискиот свет на Европската Унија е од непроценливо значење за нивниот развој во идни професионалци кои своето знаење ќе го практикуваат во Македонија.
Преку програмата Најдобрите од Југоисток, Шпаркасе банка ја зацврстува економската соработка со Австрија, една од водечките економии во Европа, продлабочувајќи ја и во делот на високото образование, со цел создавање на европски едуциран кадар кој со своето искуство ќе придонесе во развојот на македонската економија.
“Програмата од година во година покажува одлични резултати, но суштинските придобивки допрва следат. Најдобрите од Југоисток е механизам за размена на знаење и искуства помеѓу Македонија и ЕУ. Студените кои престојуваат во нашите банки во Австрија или на Универзитетот во Грац, стекнуваат непроценливо искуство и доградување на своето знаење, кои долгорочно гледано, ќе придонесат во развојот на финансискиот и банкарскиот сектор во Македонија”, изјави Глигор Бишев, Претстедател на Управниот Одбор на Шпаркасе Банка.
Програмата Најдобрите од Југоисток, Шпаркасе Банка ја реализира во соработка со Економскиот и Правниот факултет при Универзитетот Св. Кирил и Методиј, а од оваа година се вклучува и Електротехничкиот факултет – Скопје во реализација на програмата која се однесува за техничките факултети.
“Програмата им обезбедува можност за афирмација на студентите и дипломците и заокружување на процесот на едукација. Интересот на студентите за учество во програмата е огромен, факт што ни е особено драг бидејќи покажува дека ја правиме вистинската работа”, изјави Љубомир Дракулевски, декан на Економскиот факултет.
“Минатата година сите тројца финалисти од Македонија добија можност за обука и стажирање. Искуствата на студентите говорат дека Универзитетот во Грац и Групацијата Штаермеркише Шпакрасе имаат навистина што да им понудат со цел да го надоградат своето знаење. Оваа година очекуваме уште поголема заинтересираност од страна на студентите”, рече Борче Давитковски, декан на Правниот факултет Јустинијан Први.
Право на пријавување имаат сите студенти и дипломци на економски и правни науки кои ги исполнуваат критериумите за учество. Рокот за доставување на апликациите е 7 март 2014 г. Избраните студенти добиваат едногодишни стипендии за усовршување или стажирање.