Што е потребно да знаете за бизнис планот пред да започнете со негово пишување?

101

plan

Фото: Pixabay

Главната работа што мора да ја имате на ум кога пишувате бизнис план е неговата цел и за кого е наменет. Зошто го нагласувам ова? Бидејќи вашиот бизнис план може да им користи на голем број можни корисници како што се:

Компании – на основата на бизнис планот се гледа визијата, стратегијата за извршување на работата и поставените цели.

Банки и останати финансиски организации – на основа на вашиот бизнис план, тие проценуваат колку сте способни и спремни да водите свој бизнис.

Менаџмент тим – бизнис планот може да му користи за проценување на реализацијата, контролата и разбирањето на идните активности во компанијата.

Вработени – со бизнис планот тие можат да разберат што се бара од нив.

Стратешки партнери – бизнис планот ќе им даде доволно податоци на вашите партнери да проценат дали вашите идеи се совпаѓаат со нивната мисија и планови.

Според горе наведеното, бизнис планот има неколку истовремени задачи: да овозможи кредитирање, да им овозможи на инвеститорите увид во работењето на компанијата, но и да ги дефинира сите фази во работењето и да укаже на евентуални недостатоци. Бидете сигурни дека потенцијалниот инвеститор, пред да одлучи дали да инвестира во вашиот бизнис, ќе го прочита вашиот бизнис план до најситен детал. Потенцијалниот инвеститор сака да види стабилност на развојот на вашата компанија во иднина, а во тоа треба да го убеди вашиот бизнис план. Банките, потенцијалните кредитори, пред одобрување на вашиот кредит, сакаат да видат на кој начин можат да си ги повратат вложените пари. Затоа, водете сметка бизнис планот да биде читлив и што е можно појасно и поедноставно напишан.

Колку треба да биде обемен вашиот бизнис план?

Просечните бизнис планови имаат помеѓу 15 – 20 страни. Обемот на бизнис планот првенствено зависи од природата на вашиот бизнис и потребната големина на инвестицијата. Колку бизнисот е посложен, конкурентското опкружување големо и голема инвестиција, потребно е и бизнис планот да биде подетален. Потребни се многу зборови да ги убедите потенцијалните инвеститори дека е добро и исправно да вложат големи инвестиции во вашата компанија и дека нема да погрешат. Доколку станува збор за поедноставен бизнис, со тоа и бизнис планот ќе биде поедноставен и пократок.

Што треба да содржи добар бизнис план?

Во продолжение се наведени неколку работи што мора да ги опфати вашиот бизнис план:

– Детално дефинирање на бизнис идејата со објаснување на нејзините предности во однос на конкуренцијата;

– Што е вашиот производ и/или услуга;

– Како ќе го произведувате?;

– Што ви е потребно да го продадете производот т.е. да ја испорачате услугата;

– Како ќе го воведете вашиот производ и/или услуга на пазарот;

– Како ќе го претставите својот производ и/или услуга;

– Колку пари ви се потребни за започнување и водење на бизнисот, на солидна финансиска основа;

– Кога компанијата ќе започне да остварува профит за инвеститорот;

– Зошто вашиот бизнис има шанси за успех;

– Начинот на генерирање на приходи преку маркетинг, продажба и промотивни активности.

Пред целосно да се фокусирате на изработка на бизнис планот, ве советувам претходно да ја соберете и организирате потребната документација, потврдете ги точните информации и извршете ги сите потребни анализи. Дефинирајте за кого е наменет бизнис планот, дефинирајте ја областа за која ви е потребна стручна помош, бидејќи во бизнис планот секој дел треба да биде стручно изработен и презентираните информации да бидат точни и верифицирани, идентификувајте го менаџмент тимот, комплетирајте ги анализите на пазарот и конкуренцијата и подгответе своја документација што сакате да биде во прилог на бизнис планот.

Автор на текстот е читател на Бизнис Инфо, Муаз Демишоски, дипломиран економист