Што (не)треба да правите кога барате поголема плата?

164

Иако за многумина е стресно кога треба да се побара поголема плата, експертите тврдат дека доколку пристапите на правилен начин, не само што сè ќе помине едноставно, туку и ќе го добиете посакуваното.

Единствено треба да внимавате на неколку работи.

Истражете

Без да направите претходно истражување за тоа како се движат платите во вашиот сектор, не тргнувајте на преговори. Тоа може да го најдете и по релевантни онлајн страници или од одговорните личности во секторот човечки ресурси. Треба да ги презентирате вашите достигнувања и сумата што ќе ја побарате да биде во согласност со веќе пропишаните рамки.

Спремете добар одговор

Кога ќе ви биде поставено прашањето Зошто сакате поголема плата? треба веднаш самоуверено да дадете одговор поткрепен со факти. Наведете сè што сте сработиле, како сте работеле и колку време вложувате за компанијата. Во ниеден момент не смеете да се колебате во вашите способности.

Одберете време

Тајмингот за да се побара зголемување на платата е исто така важен. Би било добро тоа да биде кога сите се добро расположени, кога се случила некоја убава промена, успешно завршен проект и слично.

Не избрзувајте со барањето

Ако сте скоро вработен или ако сте добиле зголемување минатата година, не треба да избрзувате со повторно барање на поголема сума. Освен ако не сте направиле нешто навистина големо за компанијата, коешто заслужува да биде наградено.

Не демонстрирајте нервоза и несигурност

Треба да сте смирени, фокусирани и доволно самоуверени кога ќе застанете пред претпоставените и ќе побарате поголема плата. Ако сте нервозни и несигурни заборавете воопшто не се обидувајте да прашате.

Кажете ја точната сума

Не заобиколувајте и не размислувајте премногу кога ќе ве прашаат колку сакате да ви биде платата. Со тоа ќе покажете дека знаете колку вредите (барем во моментот) и дека сте ја сработиле “домашната задача“.

Фото: Pixabay