Фото: Pixabay
Спојувањата и аквизициите ги опфаќаат сите активности коишто се однесуваат на купување, продажба, поделба и комбинирање на различни компании со цел да се постигне поголем раст и профит. Спојувањата и аквизициите, односно овие статусни промени, со еден збор опфаќаат реорганизирање на еден или повеќе деловни субјекти за да се обезбеди поголема вредност за новоформираниот деловен ентитет.
Спојувањата се дефинираат како консолидирање на две различни компании во една. Како резултат на тоа, една од компаниите се согласува правно да згасне, по што продолжуваат да функционираат како една единствена компанија. При целосна фузија, една од компаниите целосно ја губи својата независност и се прилагодува на работата на другата компанија.
Кај аквизициите, компанијата што е финансиски посилна и помоќна купува друга компанија, при што ја задржува главната контрола врз целокупното работење. Во овој случај, правната зависност на купената компанија останува, но ја губи економската независност, “потчинувајќи“ се на компанијата купувач.
Како најчести причини да се донесе одлука за преземање или спојување може да биде стратешка одлука или зголемување на ефикасност при заедничко делување на домашниот или меѓународните пазари.
“Најчесто како потреба за присоединување и спојување се јавува подобрување на позицијата на пазарот, намалување на трошоците, подобрување на перформансите… При овие активности најважно е компаниите што се спојуваат или присоединуваат да имаат заеднички интерес за тоа“, рече Данче Чакаровска Гроздановска, сопственик на адвокатската канцелариија Чакаровска, на средбата за размена на искуства на тема раст преку спојување, присоединување и стратешки партнерства во ЦЕЕД Македонија.
Според нејзе, важен елемент при овие статусни промени е корпоративната култура на компаниите коишто решаваат да се присоединат или спојат, бидејќи доколку постои голема разлика, тоа ќе се одрази врз крајните резултати на новоформираното друштво.
“Спојувањата, присоединувањата и јавните приватни партнерства вообичаено во поголем број ги има во услови на раст на економијата, а се намалуваат доколку земјата се соочува со стагнација или рецесија“, изјави Кристина Куновска, раководителка на внатрешна ревизија во Централна кооперативна банка.
Таа нагласи дека спојувањата и присоединувањата на компаниите им нудат поголеми можности за раст, бидејќи една компанија само со сопствени ресурси може да оствари побавен развој. Со спојувањата и присоединувањата, како што нагласи таа, се отвораат нови можности, пристап до капитал, поголемо искуство, знаење и слично.
Менаџментот на одредена компанија може да донесе одлука да се присоедини кон друга компанија или целосно да го продаде својот удел доколку смета дека тоа ќе донесе поголема профитабилност, искористување на повеќе расположливи ресурси и полесен пристап кон пазарите.
Пример за аквизиција во светски рамки што се случи минатата година е онаа на фармацевтските компании Novartis AG и GlaxoSmithKline со вредност на зделката од 20 милијарди долари. Novartis го откупи бизнисот за лекови против рак од GSК, додека GSK од Novartis го откупи бизнисот поврзан со производство на вакцини. Двата фармацевтски гиганта се договорија заеднички да ги комбинираат нивните бизниси во оваа индустрија.
Business Insider минатата година направи листа на најголемите спојувања и аквизиции на сите времиња. Американската телекомуникациска компанија Time Warner во 2000 година склучи договор со Historic TW, компанија за истражување и процесирање на информации во вредност од 186,2 милијарди долари.