SmartWalk – паметен тепих што произведува струја од чекори

46

Фото: Pixabay

Теписите повеќе не служат само за собирање прашина, туку и ќе можат да произведуваат струја и тоа благодарение на студенти од Нови Сад, пишува српскиот портал Градња.

Целта на SmartWalk е да ја конвертира механичката енергија од човечкиот од во електрична енергија. Зад овој изум стојат Жељко Поповиќ и неговиот колега Владимир Винцан, студенти на Факултетот за технички науки во Нови Сад.

“Денес многу актуелна е зелената енергија, па сакавме да се занимаваме со нешто што е поврзано, но не е доволно истражено. Поради тоа сакавме да направиме уред што генерира електрична енергија, а не зависи од временските прилики, туку само од бројот на минувачи“, вели Поповиќ.

Енергијата добиена од човечкиот од по паметниот тепих, сместен во трговски центар или друг јавен објект, би послужила за напојување на помали електрични уреди, како што се безбедносни системи што инаку бараат постојано напојување со електрична енергија.

Уште една можност на којашто размислуваат е создавање на таканаречени адресибилни ЛЕД траки во SmartWalk плочките, на основа на кои би можеле да се насочуваат купувачите до продавниците или рестораните. Тука е и можноста за испишување на рекламни пораки, па купувачите во трговските центри преку својот мобилен телефон би можеле да ја одберат посакуваната продавница, а стрелките по подот би им го покажале патот.