Со нов закон до подобра ефикасност на телекомуникациските оператори

46

Воведување на едношалтерски систем во Агенцијата за електронски комуникации и распределба на приходите на универзалната услуга се новините во новиот Закон за електронски комуникации, кој од 11 јануари е ставен на веб страната на ЕНЕР.
“Една од поголемите новини е тоа што Агенцијата ќе стане едношалтерски систем за сите потреби на телекомуникацискиот систем. За која било услуга операторите ќе можат да се обратат до АЕК, а Агенцијата, според Законот за размена на податоци и документи по службена должност да се обрати до надлежните институции и да ги прибави останатите потребни документи за тој оператор. Ова го правиме со цел телекомуникацискиот систем да продолжи да се развива забрзано, а самите оператори да бидат поконкуретни на пазарот”, рече министерот за информатичко општество и адиминистрација Иво Ивановски.
Втора новина што се предлага со овој закон е распределбата на приходите на универзалната услуга.
“Според постоечкиот систем само еден оператор ги користи овие фондови, тоа се Македонски телекомуникации. Ние предлагаме измени според кои ќе можат сите оператори да конкурираат во една транспаретна постапка”, додаде Ивановски.
Законот за електронски комуникации содржи шест директиви на Европската Унија со кои се очекува телекомуникацискиот сектор уште позабрзано да се развива.
Новиот закон е изработен во насока на обезбедување на одржлива ефикасна конкуренција на пазарот за електронски комуникации, регулаторна предвидливост, прецизни и транспарентни правила за регулација на пазарот, како и овозможување на едноставни процедури за влез во бизнисот на електронски комуникации и намалување на трошоците за операторите.