Владимир Апостолоски, еден од сопствениците на Стара фурна од Прилеп, заедно со двајцата браќа и снаа, решава на местото на старата дедова фурна да направи нова и повторно да го разгори огнот. Старата фурна што работела од 1938 година ја реновираат од темел и во 2012 година почнуваат со производство на леб.
“Кога почнавме, произведувавме некаде од 200-300 леба дневно, етапно. Целта ни беше 2.000, но стигнавме до 6.000”, вели Апостолоски.
Лебот го произведуваат на стар начин, познат како косовски начин, со природно киснење на тестото и се пече на дрва. Сè се прави рачно, само месењето на тестото е во миксер.
Освен во Прилеп, лебот го носат и во Кавадарци, Велес, Охрид и Струга, а планираат да почнат со дистрибуција и во Гевгелија и Струмица.
“Конкуренцијата си е конкуренција секаде. И за малку и за многу, конкуренција си има. Единствен проблем ни е што немаме стандард на квалитет на брашното. Ние секогаш земаме поскапо, поквалитетно брашно, а потрошувачите тоа го препознаваат”, вели Апостолоски.
А дека навистина потрошувачите го ценат вкусот и квалитетот, покажуваат и резултатите – Стара фурна во последните три години бележи раст од 104%.
Во фирмата моментално работат 38 вработени, а со новиот објект што го прават индустриската зона Металец, бројот на вработени треба да стигне до 50.
“Во индустриската зона имаме два објекти по 280 метри квадратни, две посебни фурни. Планираме за сите вработени во околните објекти во зоната да отвориме млечен ресторан, што значи ќе почнеме со производство и на лиснато тесто, на бели печива, друг асортиман на леб… Тоа ќе биде како трета фурна”, зборува Апостолоски за идните планови.
Како новитет во работењето, Апостолоски планира до пролет во новиот објект околу 30-40 квадрати да стави под вршници, па да нудат и јадења под вршник, по нарачка.
Стара фурна е учесник во Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, кофинансиран од Владата на Швајцарија, имплементиран од ЦЕЕД Македонија. За Проектот Владимир вели дека најмногу му помогнал во ширење на контакти со луѓето.
“Градот Прилеп е мал, горе-долу сите се знаеме. На сите им велам, проектот ми ги отвори очите. Има некои работи што се пред мене, но не ги гледам. Кој колку сака може да чита и да учи, ама има некои работи што се пред него нема да ги види. Тоа се ситници, а можат да ти сменат многу работи во бизнисот. Сето тоа го научив на обуките во Проектот”, вели Апостолоски и додава дека особено е задоволен од Б2Б средбите и дружењето со останатите учесници.