Откако го водеше Lamborghini околу четири и пол години, Стефано Доменикали ја напушта својата позиција со цел да стане новиот извршен директор на Formula 1.
Доменикали одлучи да го замени Lamborghini со Formula 1, а засега не е познато кој ќе пристигне на неговото место како извршен директор и претседател на италијанскиот производител на луксузни суперавтомобили, а ниту Formula 1 сè уште го нема назначено официјално како нов шеф.
Сепак, преселбата на Доменикали во F1 е потврдена од неколку извори за BBC, а досегашниот шеф на Lamborghini се очекува да завладее во Formula 1 пред почетокот на следната сезона и ќе го наследи Чејс Кери, кој на оваа позиција е од јануари 2017 година.
Пред да потпише со Audi во 2014 година и да биде назначен за шеф на Lamborghini во 2016 година, каде пристигна на местото на Стефан Винкелман, Доменикали го предводеше Formula 1 тимот на Ferrari. Така, ако навистина се врати во најбрзиот циркус на планетата како што се најавува и очекува, тој ќе им се приклучи на други поранешни шефови на Ferrari, како што е претседателот на FIA Жан Тод, кој беше спортски директор на Ferrari и Рос Браун, поранешен шеф на дизајн.
Роден во Имола во 1965 година, Доменикали помагал на локалната тркачка патека и во медиумскиот центар уште како дете. Тој дипломирал на универзитетот во Болоња во 1991 година и кратко потоа се приклучил на Ferrari во финансискиот центар. Од 1992 до 1994 година тој бил вклучен во мотоспортот, како тркачки директор во Муџело, а во 1995 година, тој бил назначен за шеф на персоналот во спортскиот оддел, каде остана до 2001, кога откако бил назначен за менаџер на логистика, станал спортски директор. Во 2007 година беше назначен за директор на Ferrari F1 тимот, а една година подоцна беше назначен за шеф на тимот.
Преземено од Avtoplus.mk