Факултетот за електротехника и информациски технологии стана дел од академската мрежа на светскиот лидер во областа на мрежната безбедност – Palo Alto Networks. Со ова, велат од ФЕИТ, на студентите на факултетот, поконкретно на модулот Телекомуникации и информациско инженерство (ТКИИ), ќе им се овозможи запознавање и практична работа со опремата на Palo Alto Networks и нивно сертифицирање во областа на мрежна безбедност.
„Во рамки на лабораториските вежби од модулот, студентите бесплатно ќе добијат виртуелен пристап до лабораториите на Palo Alto Networks каде што ќе можат практично да работат на конфигурирање на мрежна опрема. Обезбедени се и електронски и видео материјали за обука. Сето ова е во согласност со последните напори на ФЕИТ да го зголеми практичното знаење на студентите и да им овозможи допир со практични проблеми во текот на студирањето релевантни на пазарот на труд. Студентите кои ќе работат на опремата на Palo Alto Networks ќе бидат охрабрувани да полагаат курсеви од Palo Alto (понудени бесплатно за нив) со што би се сертифицирале во доменот на мрежно администрирање и специфично мрежна безбедност“, вели Владимир Атанасовски, продекан за финансии на Факултетот за електротехника и информациски технологии и контакт лице за Академијата.
Според Атанасовски, со овој чекор студентите на модулот ТКИИ, по нивното дипломирање, ќе имаат големо практично искуство и многу полесно би се вклопиле во работата на било која компанија како мрежни администратори.