Светозар Јаневски учесник на претстојниот Копаоник бизнис форум

77

kpЈубилејниот 25-ти по ред Копаоник бизнис форум ќе се одржи од 4 до 7 март во хотелот Гранд на Копаоник. Досега присуството го потврдија преку 1.000 учесници, меѓу кои гувернерот на Народна банка и претседателот на Фискалниот совет.

Тема на годинашниот форум е “Што по фискална консолидација: Како да се претвори фискалната стабилност преку мерки на економска политика во одржлив раст и развој?“

И оваа година на едно место ќе бидат собрани сите значајни имиња од светската економија. Во рамките на неколкуте денови, колку што се одржува форумот, ќе се претстават преку 120-тина говорници на различни теми врзани со бизнис сферата. Меѓу нив ќе биде и еден од најуспешните македонски бизнисмени, мнозинскиот сопственик на М6 Инвесмент груп и претседател на Управниот одбор на винарската визба Тиквеш, Светозар Јаневски. Тој ќе биде говорник вториот ден од форумот во рамките на Панел 3 на тема “Западен Балкан – предизвици: Регионална економска област“.

Во текот на 4-те денови ќе учествуваат високи државни функционери и влијателни бизнис лидери. Учеството го потврдија претставници од Владата на Србија, домашни и странски стопанственици во сферата на банкарството, осигурувањето, респектибилни професори, извршни директори на големите мобилни оператори во регионов, светски познати новинари… На форумот исто така ќе бидат присутни и амбасадори, дипломати, економски аналитичари, теоретичари, меѓународни експерти, како и претставници од медиумите.

Меѓу останатите, учество ќе земат и Линда Ван Гелдер, регионалната директорка на Светска банка за Западен Балкан, како и Питер Санфи, заменик директор за економија и политика за земјите при Европска банка за обнова и развој.

Првпат на форумот ќе земе учество и Пол Томсен, директор на канцеларијата МMF за Европа и Шарлот Рух, директор на EBRD за Централна и Источна Европа.

Во рамките на официјалниот дел од програмата ќе земат учество и Томас Лубек, регионален менаџер на Меѓународната финансиска корпорација (IFC) за Западен Балкан, Дубравка Негре, шеф на Регионалното претставништво на Европската инвестициона банка за Западен Балкан (EIB) и Артур Туремка, генералниот директор на Mastercard компанијата за Балкан.