Светска банка бара од Г20 да ги намали долговите на најсиромашните земји

69

Претседателот на Светската банка, Дејвид Малпас ги повика земјите од Г20 да разговараат за намалување на долговите на најсиромашните земји со цел да се минимизираат економските влијанија на пандемијата на коронавирус.

Тој ја предложи таа иницијатива за време на видео конференција со министрите за финансии и гувернерите на централните банки.

Според Малпас, пандемијата довела до “најголемата глобална рецесија во последните децении”.

“Ги повикувам Г20 да го отворат патот за консултации, како и за ефективни начини за намалување на официјалниот билатерален и на трговскиот долг за најсиромашните земји“, рече Малпас.

Покрај тоа, шефот на Светската банка ја објави потребата од продолжување на мораториумот на долгови од најсиромашните земји.

“Ве повикувам да ја продолжите иницијативата за прекин на исплатата на долговите до крајот на 2021 година“, рече тој, истакнувајќи дека е потребна транспарентност на сите билатерални кредитори, вклучително и националните банки.

Според него, ситуацијата во земјите во развој се влошува.

“Времето истекува. Треба да преземеме итни мерки за прекин на исплатата на долговите, да ги намалиме долговите, да најдеме механизми за нивно подмирување и да бидеме транспарентни“, истакна Малпас.

Фото: Freepik