Tesla во акција со помоќен полнач и поевтини цени за возилата

73

Само што пристигна на пазарот, Tesla мораше да интервенира и да ја спушти цената за 3.000 долари на својот Model Y.

Tesla Model Y во САД се продава во две варијанти. Едната е Model Y Long Range каде што фокусот е ставен на поголемата автономија, а вториот е Model Y Performance. Long Range верзијата чинеше 52.999 долари кога се појави на пазарот, а по дедукцијата на цената чини 49.999 долари и тоа ги радува сите оние кои не сакаа да се “залетуваат“ и да го резервираат својот автомобил претходно. Performance верзијата, пак, ќе добие и мало унапредување, со тоа што сега максималната брзина наместо 233, изнесува 250 километри на час.

Ова секако не е прв пат Tesla да ги намалува цените на своите автомобили откако тие ќе се најдат во продажба. Така, слична ситуација имаше и со Model S и Model X Long Range чии цени беа намалени за 5.000 долари по излегувањето, а слична беше ситуацијата и со Tesla Model 3 чии цени во Кина исто така беа намалени.

Но, исто така, Tesla ја зголеми и моќноста на полнење на своите супер-полначи на 250 kW, а тоа значи дека, на пример, Модел 3 сега по само пет минути полнење ќе може да помине 120 километри. Кај Model S и Model X границата на домет, исто така, е зголемена со истите 250 kW. Во Tesla ова достигнување го комерцијализираат со износ од 1.600 прејдени километри за еден час полнење.

Компанијата Tesla најавува голем број новини за во блиска иднина, а една од оние кои не поминаа толку забележително се однесува на батериите. Овој пат се работи за “таен“ проект. Од Tesla најавија нова технологија која ќе овозможи една батерија да “одработи“ милион милји, односно околу 1,6 милиони километри.

Моменталните батерии во Tesla автомобилите можат да издржат до 800.000 километри, односно до некои 2.000 полнења.

Преземено од Avtoplus.mk