Зад името Toblerone се кријат “планини“ од квалитетно швајцарско чоколадо со препознатлив вкус. Неговата оригиналност доаѓа од комбинацијата на какао донесено од различни места во светот, бадеми од Калифорнија и мед од Мексико. Во своето портфолио има повеќе видови на чоколади ( Toblerone Milk, Toblerone Fruit & Nut, Toberone Dark, Toblerone White…) со коишто се насладуваат милиони луѓе ширум светот.
Историја и почетоци на Toblerone
Креаторот на ова чоколадно задоволство е Теодор Тоблер од Берн, Швајцарија. Тој во далечната 1908 година, заедно со неговиот роднина, Емил Бауман, развија уникатна млечна чоколада со нугат, лешници и мед со уникатна триаголна форма. (Нугат е мешавина од белка со мед или шеќер, во којашто се додаваат ореви, бадеми, лешници или ’фстаци).
Таткото на Теодор, Жан Тоблер, имал своја продавница за слатки во Берн, во којашто продавал чоколади и слатки од различни производители.
Тоблер во 1909 година аплицира за патентирање на производството на ова чоколадо во Берн, коешто за две години станува заштитена марка од Швајцарскиот федерален институт за интелектуална сопственост.
Некаде до 70-тите години на минатиот век, семејството Тоблер беше сопственик и производител на овој бренд. Потоа, до 1982 година беше во сопственост на Interfood S.A., а осум години подоцна го купи Jacobs Suchard AG. Од нив го купи Kraft General Food, а во 2012 година сите производни активности од нив ги презеде американската компанија Mondelez International. Компанијата, освен Toblerone, произведува и други познати брендови, како што се: Milka, Oreo, TUC, Cadbury, Lacta, Trident и многу други.
Името и формата на Toblerone
Toblerone своето име го добива како комбинација од презимето Тоблер и италијанскиот збор torrone, што претставува еден вид нугат.
Ова чоколадо има интересна форма што потсетува на низа од планински врвови. Многумина веруваат дека Теодор Тоблер за формата добил инспирација Матерхорн – планина во состав на Алпите, којашто има карактеристичен и остар врв. Но, синовите на Теодор имаат поинакво објаснување за триаголната форма на чоколадото. Тие сметаат дека инспирацијата доаѓа од танчерите на музичкото кабаре Folies Bergères во Париз, кои на крајот од настапот формирале пирамида.
Интересни факти за Toblerone
- Еден од препознатливите симболи на чоколадото е мечката сокриена во планината на секое пакување од лево
- Ниту еднаш досега не е направена промена на оригиналната рецептура по којашто се произведува чоколадото
- Toblerone е достапно на пазарите во 122 земји во светот
- Чоколадото се произведува во Швајцарија, додека останатите познати швајцарски чоколади се произведуваат во земји во развој
- Околу 25% од продажбата на Toblerone е во фри шопови
- Компанијата двапати била пред банкрот – еднаш пред Втората светска војна и во 80-тите години на минатиот век
- Оваа година, производителот одлучи да го намали растојанието меѓу чоколадните триаголници, со што пакувањето од 170 се намалува на 150 грама. За 40 грама се намалуваат Toblerone чоколадите од 400 грама. Иако грамажата е намалена, цената останува иста.
- На Интернет кружат и видеа што покажуваат како правилно треба да го јадеме ова чоколадо