Трите најголеми компании во регионот ќе вработуваат млад кадар

49

2

Трите најголеми компании во регионот, Агрокор, Атлантик група и МК група, најавија дека во следниот период ќе вработат неколку стотини млади кадри. Најбарани се, како што велат, ИТ, економисти, инженери, касиери, производни профили…

Од српската Мк група, во сопственост на Миодраг Костиќ, порачуваат дека им е потребен стручен кадар од областа на земјоделството, ИТ, економија и менаџмент, како и машински инженери и технолози.

“Во работењето користиме најмодерно производство и ИТ технологија, а се занимаваме и со иновации како обновливи извори на енергија, па не е лесно да се најде квалитетен кадар”, велат од МК група за Танјуг.

Хрватска Атлантик група, во сопственост на Емил Тедески, мината година на сите пазари вработила 331 нови работници, најмногу во Хрватска, Словенија и Србија, од кои 145 се млади луѓе. Млади ќе вработуваат и оваа година, а најбарани профили и натаму се за продажба, за корпоративни функции на поддршка и производни профили за новата фабрика за енергетски плочки во Нова Градишка.

И Агрокор, во сопственост на Ивица Тодориќ, планира да вработува нов млад кадар. Овој хрватски концерн во 2011 година ангажираше околу 1.100 млади луѓе, од кои 400 останаа да работат во компаниите под капата на Агрокор. Вакви акции ќе продолжат да спроведуваат и понатаму.

Минатиот месец на 12 меѓународна конференција HR Business Arena 2014 што се одржа во Дубровник, вкупно 21 компанија од регионот потпишаа документ за соработка со кој се обврзуваат дека во следниот период ќе вработуваат млади луѓе. Освен споменатите три компании, повелбата ја потпишаа уште Нафтена индустрија Србија (НИС), Нестле, НЛБ банка, Делта холдинг, Нелт група, A.T. Kearney, Горење, Холдинг Словенечки електрани, IBM Croatia, IEDC – Bled School of Management, Подравка, Привредна банка Загреб, S&T, Теленор Србија, Теленор Монтенегро, Випнет, Styria Хрватска и Бинго.