Во Црна Гора, според последните прелиминарни податоци, има 66 милионери, кои на сметките во тамошните банки имаат над милион евра, соопшти Централната банка.
“Според прелиминарните месечни податоци, кои банките ги доставиле во Централната банка на 31 декември 2019 година во Црна Гора има 66 физички лица кои имаат депозити во износ од над милион евра“, соопштија од Централната банка на Црна Гора, пренесува весникот Pobjeda.
Од Централната банка соопштија дека најголем депозит на физичко лице изнесува 17,9 милиони евра. Законот во Црна Гора не дозволува да се соопшти идентитетот на лицето со “најдебело“ конто, но велат дека станува збор за нерезидент, односно странец.
Најмногу се оние кои имаат од еден до пет милиони евра во банките.
Депозит во износ од еден до пет милиони евра имаат 63 физички лица. Две физички лица имаат депозит во износ од пет до 10 милиони евра, а едно лице од 10 до 20 милиони евра.
Инаку, податоците покажуваат дека бројот на милионери се намалил, бидејќи во септември минатата година депозити повеќе од милион евра во Црна Гора имале 71 граѓани. Најголемиот депозит на поединец изнесувал 31,9 милиони евра.
Фото: Pexels