Турција планира да воведе олеснување на постапката за доделување работни дозволи на квалификувани странски работници и инвеститори за подобрување на инвестициската атрактивност на земјата, пишува Хуријет.
Турската влада со новиот акционен план планира да привлече повеќе странски инвеститори и квалификувани работници во земјата.
Според план што го изготви Министерството за економија, странците ќе бидат предмет на ново и полесно спроведување на процесот, кој ќе биде почувствителен на нивото на образование и износот на инвестицијата на странецот што бара работна дозвола.
Планирано е со новите процедури да се овозможи повеќе простор за индивидуализирана примена на процесот на аплицирање и доделување на дозволи со различна важност на траење. На овој начин, повеќе квалификувани странски работници и инвеститори ќе можат преку помалку сложен и побрз процес да добијат работна дозвола.
Еден од плановите е доделување и на постојана дозвола за работа за странскиот инвеститор, која може да се смета како дозвола за престој.
Според податоците на Министерството за труд, во периодот од 2009 до 2013 година, за добивање работна дозвола во Турција се пријавиле околу 100.000 странци, а 64.279 од овие апликации се успешни.