Министерот за економија Крешник Бектеши денеска во Министерството за економија оствари работен состанок со претставници на туристичко- угостителскиот сектор. На состанокот присуствуваше и директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски.
Главни теми на состанокот беа состојбите во туристичко-угостителскиот сектор во моментот, мерките кои Министерството за економија и Владата ги презема за справување со кризата предизвикана од Ковид 19 како и проблемите со кои се соочува овој сектор.
Министерот Бектеши претставниците на туристичко-угостителските комори ги информираше за реализацијата на донесените мерки за поддршка на секторот.
Бектеши информираше дека од почетокот на здравствено економската криза за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор на предлог на Министерството за економија се донесени уредби. Меѓу нив се Уредба со законска сила за издавање на ваучери за туристичките агенции, потоа Уредба за продолжување на рокот на решението за категоризација на угостителски објекти за време на траење на вонредната состојба, Уредба со законска сила за продолжување на рокот на траење на лиценцата за угостителските објекти кабаре, диско клуб и ноќен бар и Уредбата со законска сила за издавање на ваучери од 6.000 денари за работници со ниски приходи и платежна картичка од 3.000 денари за домашен туризам.
Министерот информираше дека подготвена е и Програмата за субвенција за кофинансирање на конференции и настани во висина од 50%, а најмногу до 30.000 денари, како и Уредбата со која се олеснуваат условите за категоризација на угостителските објекти за сместување кај физички лица и намалување на бројот на комисијата за категоризација од 13 на 5 члена со вклучување на член од приватниот сектор.
Претставниците од туристичко-угостителскиот сектор потенцираа дека во моментов е неопходно да се донесат протоколи за работа на хотелите, за што Министерството за економија ќе ги достави препораките од Европската комисија до Комисијата за заразни болести за носење на истите.
Дел од барањата на туристичко-угостителскиот сектор се отворање на авто-камповите и носење на протокол за работа на истите, отворање на плажите, како и ресторани за свадби и игротеки.
Министерот за економија упати порака до туристичко-угостителскиот сектор дека мерките кои Министерството за економија и Владата ги има донесено за помош на најпогодените сектори ќе продолжат да се реализираат се додека трае кризата. Потенцираше дека Министерството за економија и Владата континуирано ја следи состојбата во овој сектор и секоја активност ќе биде во насока на закрепнување и помош на најпогодените гранки ва стопанството.