Турскиот национален авиопревозник, Turkish Airlines, нема интерес за преземање на удел во хрватската авиокомпанија Croatia Airlines, словенечката Adria Airways и црногорската Montenegro Airlines, а причина за тоа е лошото искуство со BH Airlines, каде беше сопственик на 49%, пишува EX-YU Aviation News.
Според порталот, потпретседателот на турскиот авиопревозник за маркетинг и продажба во источна Европа и на Балканот, Мехмет Баспинар, изјавил дека компанијата сака потполна контрола во компанија што ја купува, затоа што сака ефикасно да ја наметне својата стратегија. Но, тоа не е опција со оглед на законодавството на Европската унија, која ја ограничува странската сопственост во авиокомпаниите на 49%.
Баспинар го демантираше и интересот на Turskih Airlines за преземање на аеродромот Јоже Пучник во Љубљана.
“Ние не поседуваме ниту еден аеродром. Сепак, можно е друга турска компанија да биде заинтересирана”, вели Баспинар.
Turkish Airlines брзо ги прошири своите операции низ цела поранешна Југославија во последниве години. Авиокомпанијата е доминантен превозник во Сараево. Претходно оваа година воведе втор секојдневен лет за Загреб. Покрај тоа, турскиот авиопревозник има силно присуство во Приштина и е најпопуларниот авиопревозник во и надвор од Скопје, пишува EX-YU Aviation News.