Мобилниот оператор Вип вчера ги објави деловните резултати за 2013 година, според кои компанијата остварила раст на приходите и добивката, а успеала да го зголеми и пазарниот удел, во услови на стагнација на пазарот во Македонија.
Вкупните приходите на Вип се зголемени за 8% споредено со минатата година, и на крајот на 2013 година изнесуваа 65 милиони евра. Заработката пред камати, даноци, депресијација и амортизација (ЕБИТДА) се зголеми за 20%, на 15 милиони евра.
Како резултат на зголемената ЕБИТДА и незначително пониските трошоци за амортизација, оперативната добивка изнесува околу шест милиони евра, информираше раководството на компанијата на прес конференција во средата.
Компанијата ја зајакна својата позиција како втор мобилен оператор на пазарот и го зголеми својот пазарен удел на 28%.
Вкупниот број на корисници останува стабилен и на крајот на 2013 изнесува 630.000 корисници, а уделот на постпејд корисници порасна до 47,5% на крајот на 2013, споредено со 42% во истиот период минатата година.
Главен извршен директор на Вип, Никола Љушев истакна дека успешните резултати се постигнати во период во кој пенетрацијата на мобилна телефонија на пазарот е намалена од 113% на 109%.
„Ми претставува особено задоволство да потврдам дека нашите цели за 2013 година се во целост исполнети. Вип успеа во релативно краток временски период да се зацврсти како втор по големина мобилен оператор и да обезбеди одржливост на операцијата во услови на високо конкурентен пазар. Позитивните резултати од нашето работење поврзани со пазарниот удел и финансиските показатели, се резултат на посветеноста на целиот Вип тим да понуди повеќе за македонските граѓани. Минатата година, а продолжувајќи и оваа година инвестираме во нови технологии за да им понудиме подобро искуство на нашите корисници. Очекуваме да продолжиме со одлични резултати и во 2014 година, бидејќи продолжуваме да ги остваруваме и надминуваме ветувањата дадени на нашите корисници, истакна Никола Љушев, Главен извршен директор на Вип.
Тој додаде дека според проценките на компанијата се очекува да продолжи трендот на стагнација на пазарот на мобилна телефонија поради намалената потребата од СИМ картички од повеќе оператори.
Љушев информираше дека Вип во 2013 година инвестираше 16 милиони евра, од кои 10,3 милиони евра во Лиценца за 4Г и најави нови инвестиции во подобрување на инфраструктурата и услугите за корисници, но не наведе повеќе детали.
Главниот финансиски директор на Вип Питер Цидек оцени дека зголемувањето на приходите јасно покажува дека понудите кои ги создадовме во изминатиот период беа во согласност со очекувањата и потребите на нашите корисници.
„Финансиската стабилност на нашата компанија ќе овозможи дополнителни можности за раст во период што следи. Растот на ЕБИТДА во 2013 година, ни дава цврста основа за продолжување на инвестициите на Вип, кои ќе бидат во интерес на корисниците, но исто така и во насока на понатамошниот развој на пазарот на мобилна телефонија во Македонија”, изјави Цидек.
Резултатите за Вип оператор за цела 2013 година, заклучно со 31 декември 2013 се објавени заедно со финансиските резултати за 2013 година на Телеком Австрија Групацијата (VSE: TKA, OTC US: TKAGY).