Вкупно 30 државни претпријатија лани имаа приходи од 45,3 милијарди денари

55

Вкупно 30 најголеми претпријатија, основани од државата и од единици на локалната самоуправа, во текот на минатата година остварија вкупни приходи од 45.340.554.013 денари, односно 737 милион евра, покажуваат податоците на финансиска анализа на работењето на државните претпријатија на Центарот за граѓански комуникации.

На крајот на минатата година во овие државни фирми имало 22.864 работници.

Според анализата, 30-те најголеми државни компании, во периодот 2015 – 2018 година, остварените вкупни приходи ги намалиле за дури 35%, остварувајќи во 2018 година само 65% од масата на вкупните приходи што ги оствариле во 2015 година.

Просечната стапка на профитабилност за анализираните четири години изнесува скромни 5,9%, а за 2018 година профитабилноста покажува извесно подобрување (6,7%).

Средствата што ги поседуваат овие претпријатија со ваков профит, како што се наведува, би ги обновиле за 38 години, а вложениот и заработен капитал би го вратиле за 32 години. Во приватниот сектор времето на поврат на вложениот капитал се позиционира вообичаено на 10 години.

Наплатата на побарувањата на анализираните компании претставува слаба алка на работењето и изнесува 265 дена за четирите години, односно 243 дена за 2018 година. Ваквите долги рокови на наплата се поврзани со повремени отписи на побарувањата за целите на финансиското известување.

Обврските ги плаќаат во уште подолги рокови, за 514 дена просечно, односно 497 дена за 2018 година. Вообичаено во бизнисот компаниите што плаќаат со вака долги рокови се избегнуваат, или заради роковите на плаќање им се даваат значително повисоки цени од пазарните.

Кредитната способност покажува дека вкупните долгови на анализираните претпријатија се малку повисоки од нивниот капитал и резерви, додека степенот на самофинансирање е во зоната на безбедност (87%, односно 96% за 2018 година).  Анализираните претпријатија успеваат да работат позитивно, покривајќи ги вкупните расходи во целост и остварувајќи вишок на приходи од 4% (за 2018 година, 6%).

Анализираните претпријатија поседуваат доволно парични средства за покривање на краткорочните обврски.

Фото: Pexels