Во специјалната очна болница Деница одбележан Светскиот ден на видот

204

denica

Македонија го одбележа Светскиот ден на видот со спроведување бесплатни лекарски прегледи во Специјалната очна болница Деница. На овој начин, велат докторите, се подигнува свеста кај пациентите да се грижат за сопствениот вид и кај општеството да го подобри односот кон приватните болници кои овозможуваат поквалитетни услови за лекување.

“За жал, состојбата со очните болести во Македонија е критична. Проблемот со дијабетесот и моменталните кризи со инсулин, директно, влијаат на очните болести. Глаукомот, исто така, треба да се открива при секојдневни рутински прегледи. Очекуваме да се посвети поголемо внимание на операциите на задниот сегмент на окото и да се почитуваат стандардите согласно Протоколот за операции на катаракта“, вели Трпеноски.

Тој потенцираше дека Деница настојува да реши што е можно поголем број од проблемите со видот кај пациентите во Македонија.

“Очната болница Деница ги исполнува сите услови за простор, кадар и опрема. Во болницата работат четири лекари, осум медицински сестри, анестезиолог, фармацевт и административен персонал. Имаме простор кој ги исполнува сите специфични потреби – системи за чист воздух и агрегати за струја. Болницата Деница ги потполнува сите празнини кои постојат во здравството, воведуваме нови стандарди при операција на катаракта, а ќе работиме и со најчувствителните пациенти – децата“, вели Трпеноски.

Тој побара државата да го воведе ваучер системот за пациентите каде граѓаните ќе може да ги користат услугите на приватното и државното здравство.

Акцијата за одбележување на Светскиот ден на видот помина успешно и од болницата Деница посакуваат и очекуваат да прерасне во традиција.

“Повеќе од 50 пациенти ја искористија денешната можност за бесплатен офталмолошки преглед во болницата каде што констатиравме очни болести кај пациентите како што се катаракта, глаукомот и корекција на рефракциски аномалии“, рече д-р Марина Коваческа Трпеноска.

Според податоците на Светската здравствена организација, 80% од сите оштетувања на видот може да се превенираат и да бидат излечени, а стратегиите за превенција на оштетувања на видот и превенцијата на слепилото се меѓу најевтините инвестиции во здравствената заштита.