Сопругата на Претседателот, Елизабета Ѓоргиевска, денеска ја посети компанијата Касефичио Чезарина од Гостивар, која се занимава со производство на сирења и со која раководи успешната жена претприемач Гзиме Фејзи.
Во насока на нејзините заложби за поддршка на жените претприемачи и успешните бизниси, Ѓоргиевска упати честитки до раководството за амбициозните достигнувања и континуираното надградување на компанијата, што придонесува за нивната конкурентност во земјава и во странство.
Во рамки на посетата, вработените ја запознаа Ѓоргиевска со развојот на компанијата од идеја до реализација, за успешната примена на италијанското искуство во производството, како и со производниот процес и асортиман што го сочинуваат светски познати сирења, од моцарела до специјални сирења со вкус на чоколадо и кафе.
“Ме радува што женското претприемништво полека почнува да игра голема улога во Северна Македонија“, истакна Ѓоргиевска, посочувајќи дека е потребна посилна институционална поддршка, со цел поттик и поголем придонес за промоција на жените претприемачи.
Во разговорот беа посочени предизвиците и потешкотиите со кои се соочуваат компаниите поради пандемијата на Ковид-19, како и потребата од прилагодување на новите услови, но и неопходноста да не се напушта мотивацијата и упорноста во продолжување на успешните дејности.
“Вашата креативност, иновативност и пред се храброст да го прифатите ризикот и да го претворите во предност, говори за вашиот вистински претприемачки дух. Касефичио Чезаринае позитивен пример како да се искористат можностите што ги нуди нашата земја, и како со професионалност, упорност и работа се постигнуваат резултати“, порача Ѓоргиевска во разговорот со Гзиме Фејзи.
Ѓоргиевска додаде дека Касефичио Чезарина освен што придонесува за локалниот и домашниот економски развој, со својата конкурентност на странските пазари истовремено ја афирмира и нашата земја.
Касефичио Чезаринае основана во 2001 година и има добиено повеќе државни награди за успешна работа. Сопственичката на компанијата, Гзиме Фејзи, е претседател на Групација на женски претприемачи и добитник на плакета за најуспешна жена бизнисмен од нашата земја, доделена од Амбасадата на САД.