Фото: Pixabay
Град Скопје објави Јавен повик за надоместување на дел од трошоците на граѓаните на подрачјето на град Скопје за набавка на печки на пелети за 2018 година, втора фаза.
Градот Скопје, со цел да ги стимулира жителите на град Скопје (домаќинствата) за примена на почисто гориво и поквалитетни печки за затоплување на своите домови, кои имаат повисока енергетска ефикасност и пониски емисии во воздухот, на жителите кои ќе купат печки на пелети од денот на објавување на јавниот повик (први ноември 2018 година), ќе им надомести дел од трошоците направени при набавка на печка на пелети во висина од 70%, но не повеќе од 30.000 денари со вклучен персонален данок на доход по домаќинство.
Јавниот повик трае 30 календарски дена од денот на објавувањето (први ноември 2018 година) заклучно со 30-ти ноември 2018 година или до исцрпување на предвидените финансиски средства од Буџетот на Град Скопје за оваа намена.
Јавниот повик ќе се реализира по принципот “прв дојден прв услужен“.
Право на учество на Јавниот повик имаат жителите на градот Скопје кои ќе купат печка на пелети за затоплување на своето домаќинство (станбен објект) од денот на објавувањето на јавниот повик до денот на завршувањето на повикот и ќе поднесат барање за надоместување на дел од трошоците за набавка на печка на пелети. На Јавниот повик немаат право на учество жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект со приклучок на градско централно греење, без оглед на тоа дали го користат, како и жителите (домаќинствата) кои имаат станбен објект во фаза на градба и не живеат во истиот.
Услови што треба да ги исполни барателот:
– да е жител на град Скопје;
– да нема добиено финансиски средства за набавка на печка на пелети од кој било извор во Република Македонија;
– до поднесување на барањето да е корисник на печка на јаглен, дрва, нафта или мазут;
– новата печка на пелети да ја купи од денот на објавување до денот на завршување на Јавниот повик (30 календарски дена) и истата да биде инсталирана на адресата на живеење наведена во личната карта на барателот;
– станбениот објект да не е во фаза на градба и во него барателот да живее;
– да нема приклучок на градско централно греење во станбениот објект каде што е инсталирана печката на пелети, без оглед на тоа дали го користи;
– да има платено данок на имот за станбениот објект каде што е инсталирана печката на пелети, заклучно со 2017 година (барањето за оваа потврда може да се земе во архивата на Град Скопје во барака 16 или на следната интернет врска);
– само едно лице од домаќинство може да поднесе барање за добивање надоместок.
– За барателите кои имаат нов станбен објект, а немаат никакво греење и немаат приклучок на градско централно греење, не важат условите од точките 3 и 7.