Вучиќ најави приватизација на Телеком Србија

47

telekom srbijaМандаторот за новата српска влада, Александар Вучиќ, најави приватизација на Телеком Србија во првите 100 дена од работата на владата.

Тој во експозето во Собранието на Србија, вчера наведе дека Телеком Србија мора да се приватизира за да држи чекор со конкуренцијата. Вучиќ најави дека во Србија ќе биде доделена лиценца за 4Г мрежа, а државата и Телеком Србија во моментов немаат средства да ја финансираат нејзината изградба.

Во однос на другите претпријатија во државна сопственост, во излагањето Вучиќ најави дека Електродистрибуција Србија (ЕПС) ќе остане во сопственост на државата, но ќе мора да се пронајде малцински партнер за да се зголеми ефикасноста на работењето. Според Вучиќ, на тој начин ќе се зголеми вредноста на ЕПС, во случај да се одлучат да ја продадат на берза, што би можело да се случи 2016 година.

Вучиќ потсети дека Србијагас прави најголеми загуби и итно и е потребно организациско и финансиско реструктуирање. Железници ќе се реструктуираат на три целини – превоз на патници, превоз на стока и инфраструктура, а за Лотарија на Србија веќе постојат странски партнери кои се заинтересирани за купување на лиценците за организирање игри на среќа. Од средината на оваа година треба да започне и приватизацијата на Дунав осигурување, како и да се започне со решавање на проблемите на банките во државна сопственост.