Вкупно 60 македонски компании за седум години склучиле бизнис договори со странски партнери преку европската електронска мрежа Ентерпрајз јуроп нетворк (ЕЕН). Оваа бројка, велат експертите, не е мала ако се земе предвид колку извозно-ориентирани фирми има во земјава. Како што беше речено денеска на прес-конференција во Стопанската комора, од околу 50.000 домашни претпријатија, на ЕЕН мрежата која овозможува воспоставување директни деловни контакти со странство се вклучени 1.000. Ја корситат различни сектори, но не само за бизнис соработка, туку и за трансфер на технологии, како и за влегување во конзорциуми.
“Мрежата претставува моќна платформа за комуникација, барање бизнис партнери, поддршка за малите и средните претпријатија, но и инструмент за доближување до ЕУ пазарите. Нејзиното користење е бесплатно и зависи единствено од добрата волја на компаниите”, истакна Софче Јовановска, директор на Дирекцијата на регионални комори.
Лани преку ЕЕН директно се промовирале 1.230 домашни компании, 104 учествувале на средби со можност за потенцијално склучување 43 договори, 25 се прифатени од страна на надворешни партнери, а доставени се и 36 барања од странски фирми за соработка со македонски. Годинава се очекува да бидат склучени 20 технолошки договори за партнерство.
Според професорот Виктор Стојановски, претставник од УКИМ во проектот на Фондацијата за менаџмент и индустриско истражување, преку ЕЕН годишно се склучуваат околу 15 договори. Притоа, има случаи кога странски фирми бараат наша технологија, не само производи или услуги.
ЕЕН е најголема бизнис мрежа во Европа за интензивирање на деловните релации. Постои во 52 земји, поврзува 35 милиони мали и средни претпријатија, вклучува преку 600 партнерски организации и ангажира 3.000 професионалци. Со неа соработуваат и Мексико, САД, Кина. Освен компании, ја користат и претприемачи, старт ап компании, истражувачки центри. На македонските компании веќе им е достапен и новиот портал за директно пребарување на базите кои нудат соработка.