Директни инвестиции од 86,9 милиони евра се слеале во земјава од 01.01 до 31.03.2014 година, покажуваат официјалните податоци на Народната банка на Македонија.
Во месец март, вкупните директни инвестиции биле на ниво од 35,2 милиони евра, додека во истиот период лани тие изнесувале 20,1 милиони евра.
Податоците на НБРМ покажуваат дека најголем прилив на странски капитал, во првите три месеци од годината, доаѓа од Швајцарија и тоа 110,39 милиони евра, потоа следи Германија со 7,22 милиони евра и Велика Британија со 4,91 милиони евра. Во исто време, најголем одлив на капитал и тоа вреден 106,10 милиони евра се одлеал во Франција.
Податоците за директните инвестиции, според методологијата на НБРМ го вклучуваат сопственичкиот капитал и ревинвестираната добивка од една страна, како и останатиот капитал, што ги опфаќа побарувањата и обврските од и кон поврзаните претпријатија во странство.