Земјоделството во ЕУ треба да ја намали зависноста од увоз на добиточна храна, ѓубрива и енергенси

78

Европскиот земјоделско-прехранбен сектор е еден од најсамодоволните во ЕУ, која е нето извозник на храна, пред се на основни продукти како месо, млечни производи и житни култури, а е увозник на помошни прехранбени стоки, како кафе, какао и тропско овошје, се наведува во извештајот на Универзитетот во холандскиот град Вагенинген.

Според авторите на извештајот, еден од клучните проблеми на земјоделството во ЕУ е преголемата зависност од увозот од добиточна храна, ѓубрива и енергенси, кои се карактеризираат со нестабилност на нивните цени.

Над 80 отсто од сојата, која е клучна храна за свињите, кокошките и кравите, се увезува од Бразил и Аргентина, додека од трите типа ѓубрива – 30 проценти од азотот зависи од странски фосилни горива, над 60 отсто од фосфатите се од Мароко и речиси 90 проценти од калиумовите ѓубрива потекнуваат од Белорусија и Русија.

Експертите проценуваат дека Брисел може делумно да ја намали оваа зависност, за која цел со новата стратегија на ЕУ се предвидува зголемено одгледување на соја во Италија и Франција, а претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен најави дека во првите 100 дена од нејзиниот втор мандат ќе иницира нов план за поттикнување на производството на ѓубрива на база на азот.

– ЕУ може да произведе доволно храна за да го прехрани своето население, под услов да го зголеми производството на протеински култури и маслодајни семиња, се вели во Извештајот.

Кога станува збор за сточарството, во документот се посочува дека иако бројноста на добитокот годишно бележи пад од неколку проценти, ЕУ нема доволно добиточна храна за негово прехранување. Според извештајот, дури 60 проценти од сите прехранбени продукти, добиточна храна, текстил, дрво, биогорива и биопластика произведени во ЕУ се користат за одгледување животни од фармите.

– Потребна е промена кон поодржливи модели на потрошувачка, се наведува во извештајот.

Како едно од можните решенија се посочува поттикнување на здравите навики на исхрана на населението, при што како пример се посочува дека граѓаните на ЕУ во просек јадат 40 отсто повеќе протеини од она што е препорачливо, што значително го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања и разни видови на карциноми.

Кандидатот за нов еврокомесар за земјоделство Кристоф Хансен при сослушувањето во ЕП минатата недела изјави дека е многу незгодно политичарите да им кажуваат и да им наметнуваат на граѓаните што треба да јадат.

Но, авторите на Извештајот не го споделуваат ваквиот став, наведувајќи дека „се потребни интервенции“ за да се поттикнат потрошувачите кон поздрава и одржливи прехрана.

– Одбивањето да се интервенира во изборот на храна е во целосна спротивност со општоприфатената употреба на ценовни стратегии за намалување на побарувачката за фосилни горива, како и на тутунот и алкохолот, се вели во извештајот.

Во документот се признава дека „јавното наметнување на однесувањето на потрошувачите претставува социјално и политички деликатна работа“, но тоа сепак може да се направи посуптилно преку прераспределба на субвенциите во земјоделството, од кои сега 80 проценти се наменети за сточарството, кон другите земјоделски гранки, како и организирање на едукативни кампањи.

Според Извештајот, околу 85 отсто од емисиите на штетни гасови во земјоделскиот сектор потекнуваат од сточарството, а реализацијата на напорите за нивно намалување засега е одложена под притисок на протестите на земјоделците што беа организирани во периодот на есента минатата до пролетта оваа година.

Затоа, според авторите, Унијата треба да размислува за „деиндустријализација на сточарството“. Тие посочуваат дека е потребна „алтернативна визија за сточарството“, која би опфаќала одгледување на добитокот во области кои се несоодветни за обработливо земјоделство, како планините, или во близина на зони каде има капацитетите за преработка на отпад.

Актуелната Заедничка земјоделска политика на ЕУ, како што наведува бриселскиот портал „Политико“. е досега најпогодната стратегија за намалување на влијанијата врз климата, но таа сепак се уште не успеа да се справи со зголемените емисии на стакленички гасови и намалувањето на животинските видовите. Пакетот од 55 милијарди евра, колку што годишно издвојува ЕУ за земјоделскиот сектор, само ги збогатува милијардерите и ги осиромашува ситните сопственици, а блокот е доведен во ситуација со земјоделство да се занимаваат повозрасни лица, бидејќи нивните деца сакаат поинаков живот, или на фармите да работат мигранти за мали надници.