Фото: Asics
Гигантот за спортска опрема и облека Asics ќе произведува ѓонови од патики со помош на иновативна технологија што вклучува печење во микробранова печка, пишува Mashable. Јапонската компанија во своите продажни места наскоро ќе постави вакви уреди каде што ќе се “печат” ѓоновите.
Технологија сè уште е во тест фаза, но Asics на својата официјална страна веќе постави видео каде што се илустрира процесот што трае 15 секунди. Корисникот прво бира од спектарот на бои, па истите се ставаат во микробранова печка за да се добијат посакуваните нијанси. Материјалот е во форма на пелети што се ставаат во калап во внатрешноста на печката. Луѓето ќе го гледаат процесот на правење на ѓоновите на лице место, а крајниот резултат ќе биде спортски обувки со уникатна боја одбрана лично од купувачот.
Технологијата е дело на Tayin Research and Development, компанија од Тајван којашто го патентираше процесот. Лесните ѓонови ќе бидат направени од термопластични полиуретани од пена во форма на пелети и потоа ќе ја приспособуваат својата цврстина.
Според компанијата, овој начин на производство заштедува многу повеќе енергија од традиционалното моделирање и значително придонесува за зачувување на околината.