Услови и критериуми за остварување право на семејна пензија

4112

Членовите на семејството стекнуваат право на семејна пензија по исполнување на општи и посебни услови, а тоа се:

Општи услови за стекнување право на семејна пензија:

  • ако осигуреникот од кого се изведува правото на семејна пензија до денот на смртта наполнил најмалку пет години стаж на осигурување или најмалку 10 години пензиски стаж или aко осигуреникот ги исполнува условите за стекнување право на старосна или инвалидска пензија или бил корисник на старосна или инвалидска пензија.
  • Ако смртта на осигуреникот настанала како последица од повреда на работа или од професионална болест, членовите на семејството стекнуваат право на семејна пензија, без оглед на должината на пензискиот стаж на осигуреникот.
  • Членови на семејството кои имаат право на семејна пензија: брачен другар, децата (родени во брак и надвор од брак, посвоени, посиноци кои ги издржувал починатиот осигуреник или корисник на пензија, внучиња и други деца без родители кои ги издржувал осигуреникот), родители (татко, мајка, очув и маќеа) и посвоителот кои ги издржувал осигуреникот.
  • Семејна пензија може да оствари и брачен другар од разведен брак, ако судска одлука му е утврдено правото на издржување.

Посебни услови за остварување право на семејна пензија

Вдовец/вдовица стекнува право на семејна пензија ако:

1) до смртта на осигуреникот, по кој основ тоа право им припаѓа лицето наполнило 50 години живот;

2) до смртта на брачниот другар било неспособно за работа или таква неспособност настанала во рок од една година од денот на смртта на брачниот другар;

3) по смртта на брачниот другар останале едно или повеќе деца кои имаат право на семејна пензија по тој брачен другар, а вдовецот/вдовицата ги врши родителските должности спрема тие деца или

4) до смртта на брачниот другар имало наполнети 45 години, кога ќе наполни 50 години живот – или ако во тие години станало неспособно за работа.

Вдовецот/вдовицата, кој во текот на користењето на правото по основа на вршење на родителска должност, стане неспособно за работа или наполнило 50 години живот трајно го задржува правото на семејна пензија.

Вдовецот/вдовицата кој го загубил/а правото на семејна пензија по основ на вршење на родителска должност по наполнети 45 години живот, стекнува право на семејна пензија кога ќе наполни 50 години живот.

Право на семејна пензија стекнува и вдовица кога детето на осигуреникот, односно корисникот на пензија е родено по смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија со тоа што семејната пензија ѝ припаѓа од денот на смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија.

Право на семејна пензија стекнува и вдовицата кај која постоела бременост на денот на смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија со тоа што семејната пензија до раѓањето на детето се определува за еден член на семејството.

Ако детето е мртвородено или ако умре пред навршувањето на 45 дена живот, на вдовицата и припаѓа семејна пензија до истекот на 45 дена по породувањето.

Право на семејна пензија има и детето

Дете стекнува право на семејна пензија:

  • до наполнети 15 години живот, а ако е на школување до наполнети 26 години живот,
  • ако пред смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија кој го издржувал било неспособно за работа или таквата неспoсобност настанала во рок од една година од денот на смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија и
  • дете со статус на лице со инвалидност утврден според прописите за социјална заштита и прописите за вработување на лица со инвалидност, без оглед дали било издржувано лице од осигуреникот или корисникот на пензија.
  • ако школувањето на детето е прекинато поради болест, правото на семејна пензија може да се стекне, односно му припаѓа и за време на боледувањето до наполнети 26 години живот, како и над тие години, но најмногу за толку време колку што е изгубено од редовното школување поради болест.
  • ако детето кое го прекинало школувањето заради отслужување на воениот рок, семејната пензија му се исплатува и за тоа време.
  • ако во текот на користењето на правото на семејна пензија детето стане неспособно за работа, трајно го задржува правото на семејна пензија.
  • Детето – инвалид има право на семејна пензија по престанок на работниот однос.

Како неспособност за работа, врз основа на која се остварува правото на семејна пензија кај децата се смета неспособност за самостоен живот и работа.

Како дете на школување се смета ученикот во основно училиште, училиште за средно образование, студент на високообразовна организација или на постдипломски студии, додека имаат статус на ученици, односно студенти на соодветни образовни институции до навршување на 26 години живот.

Покрај наведените категории осигуреници, право на семејна пензија се стекнува и родителот кога осигуреникот, односно корисникот на пензија го издржувал до својата смрт се стекнува со право на семејна пензија ако:

  • до смртта на осигуреникот, односно на корисникот на пензијата наполнил 45 (мајка), односно 55 години живот (татко) и
  • е помлад од 45 години, односно 55 години и ако до смртта на осигуреникот, односно корисникот на пензија бил неспособен за работа.

Потребна документација:

  • Барање за остварување на право од семејна пензија
  • Работна книшка и докази за пензискиот стаж што не е впишан во работната книшка (решенија, уверенија, потврди и др.) ако правото на семејна пензија се остварува по смртта на активен осигуреник.
  • Извод од матичната книга на родените со впишан единствен матичен број за сите членови за семејството за кои се бара признавање право на семејна пензија.
  • Извод од матичната книга на венчаните за вдовицата
  • вдовецот за кого се бара признавање право на семејна пензија (изводот треба да биде издаден после смртта на осигуреникот – корисник на пензијата).
  • Извод од матичната книга на умрените и пријава за несреќа на работа ако смртта настапила по повреда на работа.
  • Доказ за редовно школување на децата постари од 15 години за кои се бара признавање право на семејна пензија.
  • Медицинска документација за членовите на семејството за кои се бара признавање право на семејна пензија по основа на неспособност за работа.
  • Докази за посвојување, за заедничко домаќинство, за имотната состојба на домаќинството, за издржување, за служење на воениот рок и др., во случаите каде за поодделни членови на семејството признавањето на правото на семејна пензија е условено со постоење на одредени факти.