Директорот на Дирекцијата за технолошко индустриските развојни зони, Јован Деспотовски и Амбасадорката на Сојузна Република Германија во С. Македонија H.E. Анке Холштајн остварија средба на која се разговараше за постојните и новите инвестиции од СР Германија, а во контекст и на новиот концепт на работа на ТИРЗ.
Како што беше презентирано на средбата, Владата и Дирекцијата за ТИРЗ ги препознаваат потребите на инвеститорите за предвидлива деловна клима, пристап до квалитетна инфраструктура и ефикасни јавни услуги. Поддршката што Дирекцијата за ТИРЗ ја развива во овој контекст, како и новововедениот пристап на индивидуализиран пакет на поддршка веќе носат резултати. Од почетокот на годината веќе реализираат или во завршна фаза на подготовка се инвестиции во износ од над 120 милиони евра, со вкупно близу 2.000 нови работни места.
Амбасадорката Холштајн изразила задоволство дека Германија и компаниите кои инвестираат во земјава се пример за добри пракси во работењето и најави дека ќе продолжи да работи на зголемување на економското присуство во регионот.
На средбата е презентиран и статусот на преговорите со неколку поголеми германски компании, од кои дел се нови инвеститори, за реализација на нови вложувања во следните 2 – 3 години. Дополнително, беше разговарано и за новите иницијативи на Дирекцијата за ТИРЗ во делот на развојот на човечкиот капитал, што е од особено значење за инвеститорите. Деспотовски информираше и за подготовките за нов циклус на активности за поттикнување на инвестиции, со фокус на Западна Европа, САД, како и источна Азија.
Само во ТИР зоните досега има седум германски компании со вкупен обем на реализирани и планирани инвестиции од над 150 милиони евра, со повеќе од 4.600 работни места. Овие бројки се очекува значително да се зголемат во следните неколку години, додаваат оттаму.