Осигурување Македонија стана дел од ВИГ

51

viena-osiguruvanje1Откако стана дел од австриската групација Виена Иншуренс Груп – ВИГ, осигурителната компанија Кјуби се ребрендира во Осигурување Македонија. Групацијата поседува 94% од сопственоста на македонската компанија, а процесот беше комплетиран во април годинава.

“Стратегијата за раст и за напредување на ВИГ се темели на долгорочни инвестиции. Притоа се фокусираме на одржлив развој на премиите и профитот. Нашата цел е да бидеме една од најдобрите осигурителни компании на секој пазар, а неодамнешното проширување на нашите активности во Македонија го покажува токму тоа”, истакна на денешната прес-конференција заменик-генералниот директор на ВИГ Франц Козина, додавајќи дека сега нивниот пазарен удел во Македонија е 24,6%.

Козина додаде дека македонскиот пазар има потенцијал за развој, презентирајќи ги податоците дека во Македонија по глава на жител осигурувањето изнесува 55 евра, а земјите од регионот како Србија има 72 евра, а земјите од ЈИЕ меѓу 200 и 500 евра.

“Компaнијата има солвентност над законски задолжителната и ликвидност од 2,50 што ја гарантира финансиската стабилност за нашите клиенти во секое време”, истакна генералниот менаџер на Осигурување Македонија Бошко Андов.

Виена Иншуренс Груп е присутна во Македонија од 2007 година преку Винер. Во вториот квартал од годинава преку своите компании во Македонија имаат 13,1 милиони евра полисирани премии.