Култниот Матерхорн ќе биде тргнат од пакувањето на Тоблероне

136

Компанијата Тоблероне ќе мора да го отстрани врвот Матерхорн од нивните амбалажи откако дел од производството на нивните чоколади ќе се префрли од Швајцарија во Словачка.

Чоколадите во облик на пирамиди, кои се инспирирани од овој врв на Алпите, ќе го ребрендираат логото соопштија од американската компанија Монделез, во чија сопственост се наоѓа брендот Тоблероне. Оттаму велат дека сликата на врвот висок 4.478 метри ќе биде заменета со генерички планински врв.

Компанијата е приморана на овој чекор поради строгите правила за швајцарски домашни производи кои се на сила од 2017 година. Според нив, националните симболи не смеат да бидат прикажани на млечни производи кои не се изработуваат ексклузивно во Швајцарија. За другите видови на сирова храна, оваа граница е најмалку 80%.

Во одговор испратен до Би-Би-Си од Монделез велат дека го префрлаат дел од нивното производство надвор од земјата за да „одговорат на зголемената светска побарувачка и да го развијат брендот на Тоблероне за иднината“.

Тие велат дека новата амбалажа ќе има различно лого и дизајн кој ќе го вклучува потписот на сопственикот на чоколадната компанија, Теодор Тоблер.

Чоколадото во форма на планини, кое традиционално се изработува од швајцарско млеко со мед и мешавина од лешници и бадеми, за првпат беше пуштено во продажба во 1908 година во Берн, главниот град на Швајцарија. Сепак, дури во 1970 година на амбалажата на овој производ се појави врвот Матерхорн.