Финансиските сили на Г7 со нова стратегија против глобалната нестабилност

Министрите за финансии и гувернерите на централните банки од Групата седум (Г7) водечки економии се обврзаа да дејствуваат заеднички за да ги смират светските пазари.

Во финалната изјава објавена синоќа, највисоките финансиски претставници на Г7 наведоа дека имаат намера да реализираат споделени политички цели во околности на комплексни глобални предизвици.

Средбата, одржана во канадскиот туристички град Банф, беше окарактеризирана како „продуктивна и искрена размена на мислења за глобалната економија, неодржливите глобални дисбаланси и начините за промовирање на раст и продуктивност“.

Во соопштението беше потенцирано дека иако несигурноста во трговската и економската политика до одреден степен се намали, потребна е континуирана соработка за да се зачува постигнатиот напредок.

“Мораме да продолжиме да соработуваме за да се справиме со заедничките предизвици, да обезбедиме силен и стабилен глобален раст и да ги постигнеме нашите заеднички цели”, рече канадскиот министер за финансии Франсоа-Филип Шампањ.

Членки на Г7 се Германија, Франција, Велика Британија, Италија, Јапонија, Канада и САД.

Во светлината на тензиите околу остриот став на Вашингтон во врска со тарифите, првично беше нејасно дали ќе биде можно да се донесе заедничка изјава.

Сепак, беше постигнат договор за соопштение, кое исто така остро ја осуди тековната војна на Русија против Украина, потврдувајќи ја непоколебливата поддршка на Г7 за Киев, пренесе ДПА.