Фото: Pixabay
Претприемачите живеат во свој свет. Често се фокусираат на детали и на својата визија, поради што губат перцепција на целата ситуација. Можеби затоа многу стартапи не успеваат, но важно е да се учи од неуспехот за следниот пат да бидете поуспешни. Затоа, не се разочарувајте ако вашиот стартап не успее, затоа што со учење преку грешките следниот пат имате поголеми шанси за успех.
Во продолжение неколку од најчестите причини зошто пропаѓаат стартапите:
Снемува пари
Основачите кои ги водат стартапите со сопствени средства, без надворешна помош, можат да останат без пари од различни причини. Најчесто тоа се неправилна употреба на парите, непостоење на план за времето потребно за следната фаза за прилив на средства, финансиски преамбициозен влез во бизнисот или комбинација од наведеното.
Смислување идеи, а не комплетен производ
Идеите и изумите се одлична работа, но луѓето и компаниите купуваат комплетни производи кои можат да ги употребат.
Голема дупка во стратегијата
Некои недостатоци во стратегијата се очекувани. Меѓутоа, многу мали недостатоци чие решавање сопствениците на стартапите ги оставаат за подоцна, на крај завршуваат како големи проблеми поради кои пропаѓа бизнисот.
Недоволно квалитетен тим
Некои основачи едноставно не функционираат заедно. Најчесто се раздвојуваат уште при првиот пат кога стратегијата нема да успее. Многумина не успеваат затоа што не се подготвени на целодневна напорна работа, туку сакаат набрзина да заработат пари. Секој venture инвеститор ќе ви каже дека една од главните работи во кои вложува всушност е тимот кој се наоѓа зад целиот проект.
Пазарот се менува во неочекувана насока
Пазарите се комплексен феномен во константна промена која понекогаш е тешко да се предвиди. Од друга страна, многу претприемачи не размислуваат неколку чекори понапред.
Погрешни совети од погрешни луѓе
Со растот на популарноста на претриемништвото, расте и количината на информации, но и падот на нивниот квалитет, што значи дека многу претприемачи добиваат лоши совети од неквалификувани извори. Најлошо во сето тоа е непрепознавањето на исправниот совет затоа што најчесто е спротивен на она што претходно сте го чуле. Тажно, но вистинито.