Во срцето на македонската машинска индустрија, Индустриската зона МЗТ, се наоѓа компанијата Ариљеметал. На површина од 2.400 метри квадратни, на едно место се интегрирани трите дела на компанијата – производство, магацинот и канцелариите на комерцијалната и техничката служба. Компанијата, под водство на фамилијата Ангелоски, е една од ретките на Балканот која се занимава со трговија, производство и развој на врзувачки елементи со врвен квалитет, според најстроги стандарди. Во нивните простории се сретнавме со Трајан Ангелоски, заменик директор.
Бизнис Инфо: Со какво производство се занимава вашата компанија?
Нашата компанија се занимава со производство на врзувачка техника и машински делови. Производството егзистира веќе неколку години. Инаку фирмата од нејзините почетоци се занимава првенствено со трговија, понатаму таа трговија е надоградувана и дојдовме до фазата да се занимаваме и со трговија и со производство. Можам да кажам дека производството од ден на ден станува се позастапено и ги дава своите реултати, порано или подоцна. Можностите за добивање на позитивни резултати во комбинација од трговија и производство се секогаш поголеми отколку да се работи само едно или само друго.
Бизнис Инфо: Колку време постоите? Како се развиваше компанијата? Колку време ви требаше да се пробиете на пазарот?
Компанијата е основана во јуни 1992 година. Нормално, почетоците се секогаш исклучително тешки, врзани со недостаток на финансии, недостаток на простор, на основни средства итн, меѓутоа доколку постои јасна визија, постои амбиција, идеја и желба да се успее, порано или подоцна резултатите ќе дојдат. Тоа беа тешки времиња генерално и за државата, времиња кога постоеја санкции, кога се вршеше најголемиот дел од приватизацијата, војните… Реално, најголемиот подем на нашата компанија е од крајот на 90-те и почетокот на 2000-тaта.
На пазарот се пробивавме на тој начин што секогаш го нудевме она што другите не можеа да го направат. Значи, секогаш одевме со една наша креативност, каде што нудите секогаш нов производ, производ што другите тешко можат да го изработат и одите со една филозофија дека вие се разликувате од сите останати.
Бизнис Инфо: Каде се употребуваат вашите производи?
Нашите производи се употребуваат буквално во секој дел од нашето живеење, но најзастапени се во индустријата, во градежништвото, во индустријата за мебел. Како најголеми купувачи се јавува процесната индустрија, големите објекти и системи како термоелектрани, челичани, претпријатија кои се занимаваат со производство на одредени челични производи.
Бизнис Инфо: Ариљеметал е фамилијарен бизнис. Го започнал Вашиот татко, Вие и Вашата сестра продолжувате по неговите стапки.
Мојот татко го започна бизнисот, јас и мојата сестра Маријана го продолжуваме. Јас имав 12 години кога татко ми го започна бизнисот, значи понатаму и моето образование на некој начин беше профилирано во служба на актуелниот бизнис. Се образовавме во тој правец. Сега јас и мојата сестра сме најдиректно вклучени во оперативниот дел од работењето на претпријатието. Нашиот татко се уште е директор, кој се занимава со стратегиско планирање, стратегиско финансирање, организационата структура внатре. Јас сум најмногу вклучен во комерцијалниот дел, значи во набавката и продажбата, производниот дел и маркетингот, додека мојата сестра е во оној дел на финансиски и правни задачи. Двајцата имаме завршено машински факултет, отсек индустриско инженерство – менаџмент. Мојата сестра магистрираше, јас сум при крај. Значи од оваа бранша сме, образовани сме на истата тема како и актуелното работење, во еден дел се чувствуваме свои на свое.
Бизнис Инфо: Каде ги пласирате вашите производи? На кои странски пазари сте активни?
Секогаш се почнува од домашниот пазар како прв и најевтин пазар за пласирање на производите, а понатаму како втора етапа се продолжува на регионалниот пазар. На регионалниот пазар сме присутни во неколку земји од регионот, во Србија, каде што сме директно присутни со наша фирма, која егзистира скоро 10 години во Белград, потоа присутни сме на Косово, Албанија, Црна Гора. Сега се трудиме да бидеме застапени уште во двете земји што ни остануваат во нашето опкружување, а тоа се Грција и Бугарија. Повремено сме присутни на германскиот пазар, кој е за нашата област еден од најбитните во Европа. Долги години го сондираме и правиме одредени напори, но треба да сме доста внимателни затоа што тоа е пазар со доста високи стандарди, со високо ниво на техничка култура и се трудиме прво сето тоа да го имплементираме кај нас, во нашата фирма, а потоа со сигурна политика да настапиме на тој пазар. Во тек е набавка на најсофистицирана CNC опрема, компјутерски управувана опрема и машини. Тоа е опрема која е светски тренд, која се употребува од воена индустрија, автомобилска, до софистицирана цивилна индустрија, каде што и ние на некој начин припаѓаме. Со таква опрема веќе ќе бидеме буквално на исто ниво со било која друга германска фирма и на тој начин мислам дека широко ни се отвораат вратите за настап на европскиот пазар.
Бизнис Инфо: Имате конкуренција во Македонија?
Конкуренција постои секаде, меѓутоа ние сме едни од ретките специјализирани фирми на Балканскиот полуостров од оваа бранша. Постои одредена конкуренција во нашава земја за одредени групи на производи, меѓутоа од таков профил како нашиот, трговија, производство, со многу широк дијапазон на производи и напредна технологија, во Македонија не постои.
Бизнис Инфо: На колку време вадите нов производ?
Бидејќи ние работиме таков тип на производ кој со мала измена на неговите карактеристики во истиот момент станува нов производ, значи не можеме класично да кажеме на колку време вадиме нов производ, но можеме да го дефинираме како група на производи. Мислам дека тоа во нашето претпријатие се случува во некој период од само неколку месеци, што е за европски и светски рамки навистина чудно и во вакви тешки економски услови, ретко кој го прави тоа, ретко кој инвестира. Меѓутоа, генерално, почнувајќи од менаџерскиот тим, па до сите вработени, кај сите постои огромна желба да се напредне, да се отвори ново поле на работа, нов пазар, да се биде прв во некој дел и мислам дека таа амбиција не влече напред и немаме проблем со почнување на ново производство и нови производи.
Бизнис Инфо: Како дознавте за програмите на ЦЕЕД? Зошто се одлучивте да ги посетувате?
За програмите на ЦЕЕД дознав на конференцијата Македонија 2025 којашто се одржуваше во Охрид. Претходно случајно присуствував на едно предавање што го организираше господинот Јован Маџовски пред 5-6 години. Во разговор со него, по конференцијата ги разгледав програмите и видов дека се нетипични и поинтересни од останатите што се нудат за обуки. Се одлучивме да го прифатиме тој чекор, затоа што освен класично предавање и слушање, на обуките на ЦЕЕД се многу интересни дружењето и нетворкингот.
Бизнис Инфо: Што очекувате од ЦЕЕД?
Од ЦЕЕД очекувам свежи идеи.
Бизнис Инфо: Какви се вашите планови за во иднина?
Имаме многу планови. Колку повеќе навлегувате во одредена област, толку повеќе планови и амбиции имате. Сега генерално најголема амбиција ни е квалитетен настап на германскиот пазар, а сметаме дека преку Германија може да бидеме прилично добро застапени и на целиот континент. Се знае, во машинството постојат неколку земји кои се водечки, а една од нив во светот е Германија. Затоа таргетот ни е да бидеме на исто ниво со нив и да бидеме присутни на тој пазар.
Најважен е човечкиот ресурс
Наша стратешка цел, а тоа треба да биде и на нашата држава, е извозот и тоа кон развиениот свет. Само преку извоз во земји коишто имаат високи стандарди и земји каде што тоа што ќе го пласираш, нема да се плашиш дали ќе биде наплатено. На домашниот пазар ние се соочуваме со неможноста пласираните производи да ги наплатиме, а со тоа се нарушува и тековната ликвидност, се нарушуваат и периодичните и стратешките развојни планови. Наша определба, а веќе одамна работиме така, е да правиме контакти со конкретни фирми со коишто можат да се внесат реални нарачки за изработка. За тоа е потребно и да се обезбедат конкурентни техничко – технолошки системи и машини од типот на CNC. Тоа се центри кои работат по однапред зададени параметри, со што ни е осигуран квалитетот и знаеме дека од првиот до последниот дел ќе бидат исти. И што е најважно, го вработува инженерскиот кадар, кој може да го имплементира сопственото знаење. Со знаење и стручност се добива самодоверба. Луѓе кога имаат самодоверба, сами тераат напред. Ние во нашава фирма на толкав број вработени, имаме голем број на инженери, што значи науката е составен дел од развојните планови. Ова не е нешто случајно. Треба да се има знаење да се направи нешто. Ако се искористи предзнаењето и младоста, тоа е предуслов за извонредно големи резултати. Формула за успех. Една фирма е јака и богата според бројот на кадрите што ги има. Машината ќе ја купиш, но ако немаш кадар, што ќе и правиш? За наша среќа, ние имаме инженери кои имаат свое видување, свое размислување. Тоа е потенцијал. А ако имаш во една фирма толкав број на технички образовани лица, не може да не дојдат резултатите. Во рамките на ресурсите, најважен ресурс е човечкиот ресурс, вели Богослав Ангелоски, директор на Ариљеметал.