Агро-еколошко зонирање за продуктивно земјоделското производство, отпорно на климатските промени

65

Подобрување на продуктивноста на земјоделското производство, отпорност кон климатските промени, како и креирање на информирани земјоделски политики е сега полесно благодарение на воспоставувањето на национални агро-еколошки зони и агро-еколошки информативен систем.

Ова беше главната цел на двогодишниот проект на ФАО (Food and agriculture organization of the United Nations) и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), чии резултати се презентираат денеска во Скопје. Претставници на клучните министерства, национални агенции, земјоделски здруженија, академијата, граѓански организации, меѓународни партнери и медиуми беа дел од настанот за да дознаат за првото агро-еколошко зонирање во земјата и придобивките за земјоделците и креаторите на политики.

Иако е еден од најзначајните економски сектори во земјата, земјоделството се одликува со помала продуктивност во однос на просекот во Европската унија. Климатската варијабилност, особено раните мразови, сушата и поплавите, предизвикуваат сериозни штети на земјоделското производство и влијаат негативно на животот во руралните средини и достапноста на храната. Како земја кандидат за членство во Европската унија, Република Северна Македонија треба да го усогласи креирањето и спроведувањето на земјоделската политика со ЕУ стандардите, вклучително и усогласување на мерките за директна поддршка со националните и целите на Европската унија.

За решавање на овие прашања, ФАО работеше со МЗШВ, други институции и академијата, на развој на најсовремен информативен и аналитички систем, како и на човечки капацитети, според методологијата на ФАО за агро-еколошко зонирање. Тоа вклучува проценка на земјишните ресурси, заснована на почвени, теренски и климатски карактеристики, и давање приказ на производните и економските капацитети на над 10 земјоделски култури низ различни географски региони во земјата.

Сето ова сега е јавно достапно на новата веб страница www.agroekologija.mk. На истата, експерти, креатори на политики, земјоделци и компании ќе можат да најдат информации за карактеристики на земјиштето, како што се квалитет на почва и топографија, климатски услови, употреба на земјоделското земјиште, принос и профитабилност, за да формулираат оптимални политики за одржливо земјоделско производство по региони. Карактеристиките на земјиштето можат дополнително да се проценуваат за да се одреди производниот потенцијал со цел давање препораки за “што“ треба да се одгледува и “каде“.

“Република Северна Македонија иако има мала површина се карактеризира со многу хетерогени почвено – климатски услови. Земјоделските производители и потенцијалните инвеститори честопати немаат информации и индикатори за тоа кои култури, сорти и семиња најдобро успеваат во дадените производни реони. Еден од главните предуслови за зголемување на приносите и подобрување на квалитетот на производот, е обезбедување на правилни информации за подобноста за одгледување на одредени земјоделски култури и сорти по производни региони во државата”, истакна министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, на отворањето на работилницата.

Тој додаде дека првата база на податоци и веб-платформа која содржи најнови агро-еколошки податоци и мапи за Република Северна Македонија е клучен производ што подобро ќе ги информира земјоделските политики на национално ниво,  ќе помогне да се намалат погрешните инвестиции и ќе послужи за одредување идни насоки во кој правец треба да се адаптира нашето земјоделство во однос на климатските промени.

“Агро-еколошките зони специфични за земјоделските култури, почвите и климатските услови претставуваат корисна проценка на земјоделскиот потенцијал на земјата во поглед на продуктивноста и пазарната конкурентност. Истите обезбедуваат алатка за регионално и еколошко одржливо развојно планирање за одржливи системи за храна“, истакна Фанг Ченг, економист на ФАО.

Тој додаде дека Северна Македонија е првата земја од Балканот која почнува да спроведува агро-еколошка проценка, што е континуитет на заедничките напори на ФАО и Владата за подобрување на мониторинг во земјоделството и планирањето на употреба на земјиштето, како и унапредување на производните системи и националните политики засновани на модерни технологии.

Ченг изрази надеж за континуирана соработка во иднина. Тој додаде дека агро-еколошкотото зонирање отвора можности за модернизирање на креирањето на политиките за храна и земјоделство во земјата, како прв чекор кон воспоставување на современ и сеопфатен информативен систем за производство на храна и за агро-екологија во земјата.