АСО: Продолжен рокот за усогласување на субјектите во осигурувањето

49

Согласно членот 66 од Законот за изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурување, друштвата за осигурување, друштвата за застапување во осигурувањето, осигурително брокерските друштва, застапниците во осигурување, осигурителните брокери и актуари беа должни да се усогласат со одредбите од овој закон во рок од 12 месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон, односно најдоцна до седми ноември 2019 година.

И покрај тоа што Законот за изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурување е објавен во Службен весник на Република Мaкедонија бр. 198/2018, со цел навремено информирање на друштвата за осигурување, друштвата за застапување во осигурувањето, осигурително брокерските друштва, овластените актуари, застапници во осигурување и осигурителните брокери со нивната обврска за усогласување, Агенцијата за супервизија на осигурување на 31-ви мај 2019 година до сите субјекти – правни лица испрати Известување со коешто ги запозна уште еднаш со нивната обврска за усогласување. Истовремено, истиот ден, Агенцијата на својата веб страница објави и Соопштение за усогласување со Законот за изменување и дополнување на Законот за супервизија на осигурување.

Заклучно со истек на рокот предвиден за усогласување, односно седми ноември 2019 година, дел од субјектите кои имаа обврска да се усогласат, ова не го направија или до Агенцијата доставија некомплетна документација за докажување на исполнувањето на предвидените законски услови.

Со цел излегување во пресрет на субјектите кои не биле информирани за нивната обврска за усогласување или кои од какви било други причини до Агенцијата не доставиле документација за усогласување во предвидениот рок, Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување одлучи да овозможи дополнителен период за усогласување на овие субјекти.

Согласно одлука на Советот на експерти, периодот за усогласување на сите субјекти се продолжува заклучно до 28.02.2020 година во рамки на кој период сите субјекти до Агенцијата се должни да ги достават бараните документи (целосно комплетирани)/

Оттаму апелираат до субјектите сериозно да ја разберат нивната обврска за усогласување со законот со оглед дека доколку истите не се усогласат (најдоцна до 28.02.2020 година), Агенцијата за супервизија на осигурување ќе постапи согласно своите законски надлежности односно ќе ја одземе дозволата за вршење работи на осигурување, осигурително брокерски работи односно работи на застапување во осигурување односно лиценцата за застапник во осигурување односно осигурителен брокер.

Сите документи за усогласување кои ќе пристигнат после 28.02.2020 година како и документите кои ќе пристигнат во Агенцијата нецелосни (некомплетни) – нема да бидат земени предвид, соопштуваат од Агенцијата.