Битиќи во Јурумлери: Се реализира најголемиот проект во Гази Баба во последните 20 години

27

Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и градоначалникот на општина Гази Баба, Борис Георгиевски, придружувани од генералниот директор на ТАВ Македонија, Метин Батак денес извршија увид во градежните активности за изградба на вакуумската фекална канализација со пречистителна станица во населбата Јурумлери, кој е еден од 94-те проекти од ТАВ програмата за поддршка на општините.

ВицепремиеротБитиќи во изјава за медиумите потсети дека неодамна преку ТАВ Програмата беа доделени вкупно 94 договори, во вкупна вредност од 49,7 милиони евра, за реализација на инфраструктурни проекти во речиси сите општини во земјата, со кои на дело се покажува грижата на Владата, за реалните, секојдневни потреби на граѓаните.

„На дело покажуваме дека се грижиме, дека ни е важен секој еден граѓанин, независно каде живее и дека секој заслужува достоинствени услови за живот. Изградбата на вакумската фекална канализација со пречистителна станица се одвива во три фази, првата фаза ја финансира општината преку сопствен буџет, втората фаза се финансира со средства од Светска Банка, додека третата фаза се реализира со средства од ТАВ Програмата, кои се во вредност од 40 милиони денари или околу 650 илјади евра. Ова е најголемиот капитален проект започнат во општина Гази Баба овие 4 години, но и еден од најголемите воопшто во претходните 20 години. Со овој проект се решава децениски проблем на граѓаните во Јурумлери кои немаа канализациона мрежа. Опфатено е целото населено место и конечно септичките јами стануваат минато”, посочи вицепремиерот.

Битиќи нагласи дека преку изведувањето на проектите од ТАВ програмата се презентира посветеноста кон рамномерниот развој и подгинувањето на животниот стандард, затоа што животниот стандард не се само финансиски средства, туку и подобри патишта, поквалитетно образование, поквалитетни здравствени услуги, повисоко ниво на комуналната инфраструктура, културниот живот и други аспекти на општественото живеење. Тој се осврна и на други проекти кои со поддршка од Владата на Република Северна Македонија се завршиле на територијата на Гази Баба во изминиатите четири години.

„Општина Гази Баба овие 4 години има голема поддршка од Владата. Со поддршка на Владата покрај канализационата мрежа во Јурумлери, реконструиран е регионалниот пат Јурумлери -Долно Лисиче–Драчево како и патот Илинден-Хиподром во 1 фаза, изградени се две нови делници на локални патишта во Булачани и Виниче, реконструиран е и патот Раштак-Бутел во 1 фаза. Изградена и пуштена во употреба е нова училишна зграда за ООУ Вера Јоциќ во Хиподром и нова спортска сала за истото училиште, а завршена е реконструкција и проширување на две детски градинки во Железара и Јурумлери”, подвлече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Градоначалникот на Гази Баба, Борис Георгиевски нагласи дека граѓаните на Јурумлери со децении немаат канализациска мрежа, но сега, септичките јами за овие граѓани стануваат минато.

„Ветивме и го одржавме зборот. Јурумлери добива вакуум канализациска мрежа – модел избран поради нивото на подземни води кои ги има ова место. Тоа е најсовремениот систем на канализациска мрежа и досега единствен во државата и во регионот”, започна во своето обраќање пред медиумите и граѓаните, градоначалникот Георгиевски.

Тој се осврна и на деталите од проектот при што посочи дека бенефит од изградбата на канализационата мрежа ќе добијат околу 440 домаќинства во населеното место Јурумлери.

„Овој капитален проект се реализира во три фази на градба. Првата беше завршена со средства на општината, ја изградивме препумната станица и примарната мрежа на три краци со сервисни улици и изведени се 110 шахти за приклучок на домаќинствата. Втората фаза ја завршивме со средства од Светска банка. Тогаш е изградена пречистителна станица, примарната мрежа на кракот 1 со сервисни улици како и примарна мрежа кон „Дунак маало”. Третата фаза е поддржана со средства од Владата преку ТАВ програмата. Во оваа фаза се работи на приклучок за 440 домаќинства и изведба на 3.000 метри секундарна мрежа кон домаќинствата за приклучок. Со средствата на ТАВ и дополнителни средства на општината ќе започне и асфалтирање на 4 улици со сервисни краци онаму каде што ќе биде завршено приклучувањето”, потенцираше Георгиевски и додаде дека паралелно се работи и на изградба на фекална канализација во населените места Трубарево, Гоце Делчев, Смилковци и Црешево, а следуваат Попово Маало и Страчинци.